Дали Јапонија тајно произведува нуклеарна бомба?
Кинески извештај предупредува дека Токио поседува технолошки и индустриски капацитети за брз развој на нуклеарно оружје, додека јапонските власти сè поотворено ја преиспитуваат својата повоена безбедносна политика.
Јапонија, земја која претрпе нуклеарен напад за време на Втората светска војна, со децении се придржува до строги антинуклеарни принципи, вклучително и обврската дека нема да поседува, произведува ниту ќе дозволи распоредување нуклеарно оружје на својата територија, објави „EurasianTimes“.
Препорачано
Меѓутоа, според нов кинески извештај, Јапонија тајно развива нуклеарно оружје и има капацитет да стане нуклеарна сила „практично преку ноќ“.
Јапонија е потписничка на Договорот за неширење на нуклеарното оружје од 1970 година и се придржува до трите ненуклеарни принципи што парламентот ги усвои во 1971 година. Сепак, поради растечките закани од нуклеарно вооружената Северна Кореја и Кина, која забрзано го шири својот нуклеарен арсенал, како и поради војната на Русија во Украина, Јапонија ги преиспитува своите повоени безбедносни политики.
Така, во 2014 година Јапонија го реинтерпретираше својот устав со цел да овозможи право на колективна самоодбрана во ситуации кога напад врз сојузник го загрозува опстанокот на земјата.
Неодамна, премиерката Санае Такаичи изјави дека кинески напад врз Тајван би можел да претставува „егзистенцијална закана“ за Јапонија, што отвора можност за воен одговор.
Ублажени се и ограничувањата за извоз на смртоносно оружје, а во рамки на Националната одбранбена стратегија од 2022 година е предвиден и развој на далекуметни проектили.
Во декември минатата година, Јапонија усвои рекорден одбранбен буџет од 58 милијарди американски долари, со план до 2027 година издвојувањата за одбрана да достигнат повеќе од 2 отсто од БДП.
На почетокот од оваа недела, Пекинг објави извештај од 30 страници со наслов „Нуклеарните амбиции на јапонските десничарски сили: сериозна закана за светскиот мир“.
Во документот се повикува меѓународната заедница да „преземе конкретни и силни мерки“ против јапонските нуклеарни амбиции.
„Јапонија можеби веќе тајно произвела плутониум со квалитет потребен за производство на оружје и поседува технолошки и економски капацитети за развој на нуклеарно вооружување во краток временски период“, се наведува во извештајот.
Автори се Кинеското здружение за контрола на вооружувањето и разоружување и Институтот за истражување на нуклеарно стратешко планирање, поврзан со Кинеската национална нуклеарна корпорација.
Извештајот, исто така, цитира изјава на поранешниот американски претседател Џо Бајден од 2016 година, во која тој рекол дека Јапонија има капацитет за поседување нуклеарно оружје „практично преку ноќ“.
Во извештајот се тврди дека Јапонија, и покрај меѓународните обврски, од Втората светска војна наваму тајно спроведувала истражување и развој на нуклеарно оружје и дека „поседува силни нуклеарни индустриски капацитети“.
Се нагласува дека Јапонија е единствената ненуклеарна држава потписничка на НПТ со технологија за преработка на истрошено нуклеарно гориво и способност за издвојување плутониум потребен за производство на оружје.
Според документот, Јапонија уште во 1984 година преработила истрошено гориво од експерименталниот реактор Јојо за да добие плутониум, а реакторот до 1994 година технички имал потенцијал за производство на плутониум со квалитет потребен за оружје.
„Американски експерти анализирале дека Јапонија веројатно го користела експерименталниот брз реактор Јојо за производство на приближно 40 килограми плутониум потребен за оружје, пред дизајнот на јадрото да биде модифициран“, се наведува во извештајот, повикувајќи се на студија на Гринпис од 1994 година.
Се додава дека Јапонија складира плутониум далеку над потребите за цивилна нуклеарна енергија и дека поседува платформи за испорака на нуклеарно оружје.
Сегашната премиерка на Јапонија, како и поранешниот премиер Шинзо Абе, навистина предлагаа преиспитување на јапонската нуклеарна политика. Такаичи претходно пишуваше дека потпирањето на американскиот нуклеарен чадор го прави принципот на забрана за нуклеарно оружје на јапонска почва нереален, додека Абе во 2022 година предложи Токио да дели нуклеарно оружје со САД.
Такаичи, исто така, покажа отвореност за набавка на подморници со нуклеарен погон, изјавувајќи во интервју за „Јомиури шимбун“: „Нема да исклучиме ниту една опција и ќе ги преиспитаме мерките за зајакнување на способностите за одвраќање и одговор“. Во декември минатата година, висок функционер од кабинетот на премиерот, анонимен, им изјави на новинарите: „На крајот, сопствената земја треба да се брани самостојно. Јапонија, исто така, треба да поседува нуклеарно оружје“.
Сепак, важно е да се напомене дека ваквите изјави наидоа на силно противење во самата Јапонија. Иако Кина можеби ја преувеличува нуклеарната закана, изјавите на високи јапонски политичари сугерираат дека нуклеарната политика на Токио е во фаза на преиспитување и дека, со ескалација на безбедносните ризици, Јапонија би можела да ги разгледа и своите обврски кон Трите ненуклеарни принципи.
Јапонија даде зелено светло за рестартирање на најголемата нуклеарна централа во светот


