Дали Грција со право му се налути на Заев за употреба на придавката „македонска“?

Придавката македонска/македонски/македонско уште еднаш ја разбранува јавноста откако премиерот Зоран Заев на социјалната мрежа Твитер напиша: „Денеска од стадионот во Амстердам давам силна поддршка на македонската фудбалска репрезентација“.

По ваквата објава портпаролката на грчката Влада, Аристотелија Пелони го предупреди премиерот дека го крши Преспанскиот договор кога го спомнува „македонскиот фудбалски тим“, без да ја користи придавката „северна“.

– Бараме целосно спроведување на Преспанскиот договор во духот во кој е потпишан. Го повикуваме господинот Заев да се воздржи од ширење реторика на поделби, особено во чувствителни прашања како што е фудбалот. Во секој случај, спроведување на договорот е еден од критериумите за приемот на таа земја во Европската Унија, изјави Пелони.

Грчки Катимерини објави дека владата ќе замрзне три меморандуми произлезени од Преспанскот договор (Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје), а кои лани во септември беа оставени во грчкиот парламент, по што беше најавена нивна ратификација откако ќе ги поминат предвидените процедури.

Вчера на Скопскиот економски форум Заев рече дека направил грешка кога кажал „македонската фудбалска репрезентација“ бидејќи како што изјави, тоа е во спротивност со Преспанскиот договор.

– Секогаш праќам пријателски пораки, верувам во Преспанскиот договор, го направив заедно со пријателот Алексис Ципрас и јас сум првиот што го следи, некогаш се случува да направам грешка, имам 46 години се случува да го спомнам тоа во една реченица и да го повторам некогаш, рече Заев.

Универзитатскиот професор Људмил Спасов вели дека дел од реакцијата на Грација во врска со Преспанскиот договор е оправдана.

-Грчката страна е во право кога реагира на употребата на придавката македонска во контекст на примерот „македонска фудбалска репрезентација“, бидејќи според Преспанскиот договор придавката македонски/а/о може да се употреби кога се зборува или пишува за македонска книжевност, македонска музика, македонски балет, или со други зборови за културниот и националниот идентитет, но не во дадениот пример „македонска фудбалска репрезентација“. Според Преспанскот договор би било „Фудбалска репрезентација на Северна Македонија“, но не северно македонска репрезентација. Придавката не се употребува и во контекст кога говориме за македонски производи, до донесување на правилата на двете комисии што се занимаваат со заштитените марки на двете држави. Но, Грција не е во право во врска со употребата на кратенката МК или МКД бидејќи и во Преспанскиот договор пишува дека освен на интернет адреси може да се употребуваат и на други места. Тоа е според ИСО стандарди. На пример МКД кратенка да пишува на фудбалски натпревари Затоа и УЕФА изреагира и ја оправда РСМ, вели Спасов.

Според Спасов граѓаните во приватна комуникација се слободни да ја употребуваат придавката македонски во секој случај, но не и во меѓународна употреба.

По ова се отвора дилемата дали Заев го напишал твитот како приватна комуникација или како претседател на Влада.

Од друга страна експертот по политички науки Бетиан Китев за „Слободен печат“ рече дека премиерот Заев не само што не погрешил, туку апсолутно го направил она што би го направил секој Македонец.

-Употребата на придавката македонска/и/о, никаде не е забранета со Преспанскиот договор. И не е ова прв или последен натпревар на нашите фудбалски херои за одеднаш сега Република Грција да реагира. Мене од овој впечаток што го имам досега мислам дека тоа е повеќе прашање за политичка употреба внатре во Грција, особено што мислам дека е сосема јасно. Многу е јасен и членот 1 и потоа и членот 7 од Преспанскиот договор точно ги дефинира термините Македонија и македонско/а /и. Многу е јасно прецизирано, таа би рекол јазична и културна придавка односно одредница кои што може да ја користиме без било какви рестрикции , без било какви ограничувања, вели Китев.

Според него, блокираните меморандуми во грчкото собрание, всушност се блокирани од моментот кога Нова демократија ја превзеде извршната власт и управувањето со политиките и ако гледаме детално внатре во нивните случувања ќе видиме дека Сириза како опозициска партија, не само сега туку година наназад инсистира на ратификација на меморандумите.

-Мислам дека тоа се повеќе внатрешно политички прашања поради тоа што Нова демократија мора да покаже некаква различност во однос на Сириза со оглед на тоа што Сириза беше носител на, би рекол склучувањето на Преспанскиот договор, вели Китев.

Владата пред две години издаде – Упатство за медиумите во кој меѓу другото пишува: Имајќи ја предвид промената на официјалното име на Северна Македонија, доставуваме водич што би се користел при давање опис за нашата земја согласно Договорот од Преспа. Најљубезно молиме да ги употребувате следните термини:

Официјалното име на земјата: „Република Северна Македонија”; Кратко име: „Северна Македонија”.
Националност (државјанство): Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија

Официјален јазик: „Македонски јазик”

Кодови за земјата: МК и МКД

Придавката „македонски/o/a” да се употребува кога е поврзано со етнички и културен идентитет за народот, нашиот јазик, историја, култура, наследство, територија и останати особености. Ваквите термини во овој контекст се особено различни од оние што се употребуваат и се поврзани со регионот на Македонија во Грција.

Владини извори на прашањето на Слободен печат зошто во контекст на фудбалската репрезентација не смее да се употребува придавката „македонска“ неофицијално велат дека во случајот македонската фудбалска репрезентација е репрезент на државата.

Сириза од Неа демократија бара почитување на Преспанскиот договор

Поранешниот шеф на грчката дипломатија, Катругалос кој сега е пратеник од опозициската партија, од сегашниот шеф на дипломатијата Дендиас бара информации зошто доцни ратификацијата на трите меморандуми со нашата земја и покрај тоа што во парламентот беа донесени кон средината на септември минатата година.

Во пратеничкото прашање пишува дека, и покрај ставот на актуелната грчка влада за почитување на Договорот од Преспа, „сè уште се забележуваат сериозни проблеми на доцнење и многу случаи на лицемерство од страна на министрите и членовите на Нова демократија“.

„Јасно е дека противењето за Договорот од Преспа на одредени претставници на Нова демократија, вклучувајќи го и поранешниот премиер Самарас, не е оправдување за наведените доцнења, кои им штетат на националните интереси…“, пишува Катругалос во пратеничко прашање.

При неодамнешната посета на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на Атина, исто така, беше најавено потпишување на неколку меморандуми што произлегуваат од Преспанскиот договор, за време на неговата средба со Дендиас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот