Далечна планета има океани од вода и можни траги на живот: Неверојатно откритие на НАСА и телескопот Џејмс Веб

Фото: Принтскрин/ Твитер/ НАСА

Новиот поглед на вселенскиот телескоп Џејмс Веб на К2-18б, егзопланета 8,6 пати помасивна од Земјата, откри присуство на молекули со јаглеродни атоми како што се метан и јаглерод диоксид, соопшти НАСА. Ова откритие дополнително ја поддржува претпоставката дека К2-18б можеби е планета со атмосфера богата со водород и површина покриена со океани од вода.

Првиот поглед на атмосферските својства на оваа егзопланета во зоната погодна за живеење беше направен од телескопот Хабл, што поттикна дополнителни истражувања. Планетата К2-18б орбитира околу ѕвездата К2-18, студено џуџе, во зоната погодна за живеење и се наоѓа на оддалеченост од 120 светлосни години од Земјата, во соѕвездието Лав. Егзопланетите како К2-18б, кои се по големина помеѓу Земјата и Нептун, не се слични на која било планета во нашиот Сончев систем. Тоа значи дека знаењето за таквите планети е многу мало, а природата на нивната атмосфера е тема на дебата меѓу астрономите.

– Нашите наоди ја покажуваат важноста да се земат предвид различните средини погодни за живот во потрагата по живот во вселената. Традиционално, потрагата по живот на егзопланетите се фокусира главно на помали карпести планети, но големите светови како овој се полесни за набљудување на атмосферата – изјави Нику Мадхусудан, астроном од Универзитетот во Кембриџ и главен автор на истражувањето, се наведува во соопштението на НАСА.

Присуството на метан и јаглерод диоксид и недостатокот на амонијак ја поддржуваат хипотезата дека океаните со вода може да постојат под атмосферата богата со водород на К2-18б. Овие првични набљудувања со телескопот Џејмс Веб го покажуваат и постоењето на диметил сулфид. На Земјата, оваа молекула ја произведуваат живи организми, главно фитопланктон во морската средина.

– Потребни се дополнителни набљудувања со телескопот Џејмс Веб за да се потврди дека диметил сулфид навистина постои на планетата К2-18б во значителна количина – изјави Мадхусудан.

Иако K2-18б е во таканаречената зона погодна за живеење, и сега е познато дека има молекули што содржат јаглерод, тоа не мора да значи дека има живот на таа планета. Планетата е голема, со радиус 2,6 пати поголем од оној на Земјата, што значи дека внатрешноста на планетата веројатно има големи количества мраз под висок притисок, како Нептун, но со потенка атмосфера богата со водород и површински океани. Се претпоставува дека таквите планети имаат океани, но исто така е можно овие океани да се жешки и дека не е можно во нив да постои живот.

– Иако овој тип на планети не постои во нашиот Сончев систем, планетите помали од Нептун се најчестиот тип на планети што досега сме го откриле во галаксијата. Го собравме најдеталниот спектар на планети помали од Нептун во зоната погодна за живеење и тоа ни овозможи да ги откриеме молекулите што постојат во атмосферата – изјави Шубуџит Саркар од Универзитетот во Кардиф, член на истражувачкиот тим.

Проучувањето на атмосферата на таквите егзопланети е многу активно поле на астрономијата, но проблемот е што тие се тешки за проучување поради сјајот на нивните ѕвезди.

– Нашата крајна цел е да откриеме живот на егзопланети погодни за живеење, што би го трансформирало разбирањето за нашето место во универзумот. Нашите откритија се ветувачки чекор напред кон подобро разбирање на планетите со можни океани полни со вода – рече Мадхусудан.

Тимот ги објави своите резултати во „Астрофизикал џурнал летерс“ (The Astrophysical Journal Letters).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот