
Дадов отказ, ме гризеше совеста додека работев со брзите кредити!
Поранешна вработена во друштво за брзи кредити вели дека најчесто некој од семејството врши злоупотреба на личната карта на жртвата во чие име зема кредит, отвора во негово име имејл, чека да му легнат парите и потоа не ги враќ . Таа зборуваше и за огромните камати и разни дополнителни трошоци
„Пред три години работев во финансиско друштво за брзи кредити и поради огромните камати и провизии што ги плаќаа луѓето, како и поради разни досетки да се земат што повеќе пари од должникот, ме гризеше совеста и го напуштив работното место“.
Препорачано
1 2 3
Од овие причини завршило работно искуство на една наша читателка, која испровоцирана од нашиот текст за тоа како граѓани злоупотребувале туѓи лични карти и лесно земале брзи кредити во нивно име, ни раскажа за ваквите случаи што ги видела во својата куса шестмесечна кариера.
– Работев во филијала за издавање и исплата на кредити. Имав неколку случаи кога лице подигнало кредит за друго лице, а тоа најчесто се случува од член на семејство, како во случајот за кој пишувавте. Дојде еден господин, многу културен и убаво облечен, не изгледаше како на некој што му требаат пари за брз кредит, но набргу почна да раскажува дека треба да враќа кредит што го земал синот онлајн – вели нашата соговорничка и ја опиша процедурата, како во конкретниот случај дошло до тоа таткото да го враќа кредитот на синот земен во негово име, а без тој да има поим за такво нешто.
– Се јавил синот во контакт центарот во филијалата и рекол дека сака да аплицира за 30.000 денари. Оттаму го известиле дека треба да испрати сликана лична карта од својот имејл. Синот ја сликал личната карта, но направил имејл со име и презиме на татко му. Финансиското друштво го проверува во МКБ и излегува дека лицето е кредитоспособно, но за да го заглават со поголема камата, му одобруваат помала сума од бараната, на пример 20.000 денари, за да пак земе кредит. Телефонски му велат дека ќе му пратат код на неговата имејл-адреса. Практично кодот стигнува на лажниот имејл од таткото што го креирал синот што го внесува. Потоа, од филијалата го прашуваат дали сака да оди во најблиската филијала и да го исплатат во готово или да му ги префрлат парите на трансакциска. Нормално дека избира на трансакциска, затоа што во филијала ќе мораше да го идентификуваат. Синот ја слика трансакциската сметка на татко му, а исто така го знае пинот на картичката. Финансиското друштво ги префрла парите, тој си ги подига од банкомат, а вистинскиот сопственик на трансакциската сметка поим нема дека „земал“ кредит – вели соговорничката, чиј идентитет ѝ е познат на Редакцијата.
Таа вели и дека во време кога работела ако се подигнеле 100.000 денари на 10 рати, вкупната сума што требало да се врати била 200.000 денари.
Со последните измени на Законот за финансиски друштва, конечно се ограничија каматите и сите други трошоци што може да ги наплати финансиското друштво за одобрениот кредит, па вкупниот износ на сите трошоци не може да биде поголем од 60 проценти од кредитот. Исто така, со новата регулатива има и замрзнување на договорната и на казнената камата до ниво на главниот долг.
Агенцијата за заштита на податоци неодамна обелодени дека имало пријави од тројца наши сограѓани што не подигнале брз кредит, но тоа го сторил некој друг и тоа со користење на нивните телефонски броеви, а тие за туѓите кредити треба да плаќаат долгови по 90.000 денари.
Од банкарски кругови добивме потврда за блокирање на сметка од страна на извршител, за земен кредит, исто така во туѓо име – во конкретниот случај ќерката ја злоупотребила личната карта на таткото.
Од Министерството за финансии ни изјавија дека документот за лична идентификација е задолжителен при аплицирање за кредит во финансиско друштво, но исто така и дека финансиските друштва како и банките имаат своја деловна политика според која се уредува начинот на аплицирање, обработка на податоците како и одобрувањето на кредитите.