Да одговара само Мицкоски, ги има вистинските одговори – Нов „терк“ на пратенички прашања во Собранието
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не одговори за предметите што се во предистрага како шпионската афери ва кабинетот на шефицата на државата, за заплената на пет тони дрога на граница, а рече дека писмено ќе одговори дали вицепремиерот Арбен Фераи сè уште користи полициско обезбедување.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ измислија нова форма на пратенички прашања, според која опозициските пратеници „мора“ да упатат прашање до премиерот Христијан Мицкоски, а не до министри или до заменици министри. На собраниската седница за пратенички прашања првпат се случи пратеничка од власта да ги повтори истите прашања од пратеник од опозицијата само за да овозможи премиерот да одговори.
Препорачано
На седницата, Мицкоски не одговори на директно поставеното прашање од пратеникот од Европскиот фронт Скендер Реџепи дали е подготвен да го отвори Уставот во делот на јазичните права на Албанците. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не одговори за предметите што се во предистрага како шпионската афера во кабинетот на шефицата на државата, за заплената на пет тони дрога на граница, ама рече дека писмено ќе одговори дали вицепремиерот Арбен Фетаи сè уште има полициско обезбедување.

Во отсуство на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи постави две пратенички прашања до заменикот за финансии Николче Јанкуловски, а пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Олга Лозановска прашањата што ги постави Битиќи, му ги постави на премиерот, за, како што претходно рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пратениците и граѓаните ги добијат вистинските одговори.
Битиќи рече дека одлука на министерката Димитриеска-Кочоска е дали ќе присуствува на пратенички прашања иако должност ѝ е да присуствува. Тој праша дали е точно дека власта подготвува ново задолжување од 300 милиони евра и дека одговор очекува од заменик-министерот.
Мицевски во процедурално обраќање му рече на Битиќи дека политички е некоректно вторпат да ја бара министерката, а знае дека таа не е вратена од службен пат.

– Има и допис до Собранието дека министерката е службено отсутна. Предлагам премиерот Мицкоски да ви одговори, но тоа вам не ви одговара. Јасно ми е што сакате да постигнете. Ако сакате одговор еве го премиерот, но вие не барате одговор и не ја барате вистината затоа анкетите покажуваат на каде се движите и дека наскоро ќе ве снема – рече Мицевски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски оцени дека непотребно се реагира бидејќи опозицијата реагира зашто министерката не доаѓа на пратенички прашања и за важни закони.
– Подобро е Мицевски вие или премиерот да им укажете министрите да бидат присутни барем на пратенички прашања – рече Спасовски.
Мицевски, пак, рече: „Јас би бил пресреќен премиерот да ми одговори, но вие не сакате одговори“.
По ова пратеничката Олга Лозановска ги постави прашањата на Битиќи до премиерот, кој пак рече дека манипулација е дека ќе има ново задолжување.
Мицкоски го нарече дволичен пратеникот на Европскиот фронт Скендер Реџепи и не одговори дали е подготвен да го отвори Уставот и формулацијата „20 проценти“ да се замени со „албански јазик“ како што, според Реџепи, ветил кога бил во опозиција. Според премиерот, ДУИ и партнерите се лицемерни патриоти од „Али експрес“ бидејќи кога се опозиција создаваат етнички конфликти, а кога се власт промовираат зелена агенда.

– Со помош на мегафоните Владата зборуваше дека додека ние се занимаваме со албанскиот јазик, светот стигнал до месечината и тоа е вистина. Но, пречка за моите национални права е оваа Влада, која дефокусира од сите реални проблеми, ги гази моите етнички права и го гази соживотот. Десет полицајци приведоа граѓанин оти држеше палестинско знаме и сакаше да ѝ покаже на израелската држава дека прави геноцид врз Палестинците. Не реагиравте кога од трибини се скандираше дека добар Албанец е мртов Албанец. Во изминативе две години Владата манипулира со Венецијанската комисија и со неа ги оправдува сите кршења на правата на Албанците. Венецијанската комисија е советодавна, не е обврзувачка и таа не може да е над Собранието и над Уставот. Таа може само да дава совети. Но нема одлучувачка улога. Во Уставот има член каде што албанскиот јазик е дефиниран како „20 проценти“, ова е срамно. Во 2020 година премиерот како опозиционер изјави дека не е во ред еден народ да се дефинира со проценти, тоа го кажа и во 2022 година. Дали сте подготвени да ги направите уставните измени и вие да ги земете придобивките и конечно албанскиот јазик да биде дел од Уставот – праша Реџепи.

Мицкоски оцени дека Реџепи не е објективен и нема чесни намери кога зборува за соживот. Тој се огради од ставот на пратеникот дека Израел е геноцидна држава, но и дека Венецијанската комисија е неформално тело. Тој нагласи дека кога пратеникот зборува за мултиетничка држава, треба истовремено да ги осуди и навредите искажани кон „каурите“ на спортските натпревари и неодамнешното исвиркување на национална химна, како и неносењето на македонското знаме од страна на лицата што протестираа за полагање правосуден испит и на албански јазик.
– Лош пример оставате за оние по вас. Вие сте опозиција и мислите дека на овој начин ќе привлечете внимание. Слушајте го мојот говор на Денот на светите просветители Кирил и Методиј, каде што јасно и гласно кажав што значи мајчин јазик и дека секој има право да го користи својот мајчин јазик – рече премиерот.
Мицкоски најави дека многу скоро пратениците ќе имаат можност да гласаат за законот за правична застапеност, дека секој има право да го користи својот мајчин јазик, но и дека некој се обидува да создава етнички конфликт каде што го нема и со тоа се остава лош пример.
– Многу скоро овде во Собранието ќе имате можност да го гласате законот за правична застапеност, каде што процентите не се важни, туку квалитетот. Очекувам од вас поддршка – рече премиерот.

Пратеникот на СДСМ Миле Талески го праша министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дали ќе поднесе оставка поради, како што рече, целосниот распад на безбедносниот систем и праша дали вицепремиерот Арбен Фетаи, кој два месеца не доаѓа на работа, користи полициско обезбедување, колку службеници и дали припадници на МВР патувале со него во Тајван?
Тошковски констатира дека е добро што се окрупнува опозицијата – СДСМ, Левица и ДУИ, односно дека во ист ден СДСМ бара оставка од него, а Левица најавила интерпелација.
– Сигурно и ДУИ ќе побара оставка, претпоставувам поради етничка нетрпеливост. Говоревте за нефункционалност, тогаш оставете ме да ви одговорам или да молчам, може ве задоволува тоа. МВР дава најдобри резултати во изминативе 20 години и вие треба да се гордеете со тоа, а не да измислувате приказни. Вие не можете да прифатите дека конечно по многу години има министер што е нормален. Нема да откријам детали од предистражни постапки. Но, потоа ќе видиме кој ќе се чеша на крајот на денот – рече Тошковски.

За Фетаи дали користи полициско обезбедување, министерот рече дека ќе одговори писмено бидејќи не водел дневна евиденција ни за поранешни ни за актуелни функционери.
Спасовски реагираше за односот на министерот Тошковски кон пратениците.
– Пратениците се тука да поставуваат прашања и министерот нема право да укажува дали и кое прашање тие ќе го постават. Ве молам одговарајте без навреди и без закани кон опозициските пратеници. Ве молам за минимум респект кон пратениците – рече Спасовски.


