Да не избегаше, Груевски сега ќе излезеше од затвор

epa07676907 Former prime minister of North Macedonia Nikola Gruevski (C) leaves the Budapest-Capital Regional Court after his extradition trial in Budapest, Hungary, 27 June 2019. The court refused to extradite the fugitive ex-prime minister of North Macedonia to face justice in his home country, where he should have started a two-year prison sentence. EPA-EFE/ZOLTAN MATHE HUNGARY OUT

Следниот месец ќе навршат две години откако избега осудениот поранешен премиер Никола Груевски, кој оттогаш живее како азилант во Унгарија, а слободни се и сите евентуални виновници за неговото бегство затоа што обвинителите на Вилма Рускоска досега не утврдија ничија одговорност.

Во втората година од бегството, унгарските власти одбија две барања од Македонија за екстрадиција на Груевски, првото за да ја одлежи двегодишната затворска казна за набавката на мерцедесот во предметот „Тенк“, а второто надополнето со обвинението за организација на упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Минатиот месец тој доби и нова затворска казна, сѐ уште неправосилна, од 1,5 година за предметот „Шамари во Центар“, а од Министерството за правда најавија дека подготвуваат трето барање за екстрадиција на бегалецот експремиер.

Деновиве се дозна и дека Груевски се жалел пред Судот за човекови права во Стразбур, од кој барал да му се признае аболицијата што во 2016 година ја доби од поранешниот претседател Ѓорге Иванов за кривично гонење што произлегува од прислушуваните разговори, односно од предметите што против него ги отвори поранешното СЈО и сега од разврската на оваа постапка зависи дали тој може да се врати во Македонија како слободен човек, да остане бегалец уште долго време или да одговара за кривичните дела.

Трета среќа за екстрадиција?

Од Министерството за правда не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ кога планираат да го испратат третото барање до Унгарија за екстрадиција на Груевски и кои истраги, судења и пресуди против него ќе бидат наведени во барањето. Министерот за правда Бојан Маричиќ пред три недели најави дека подготвуваат нови барања за екстрадиција на сторители на кривични дела, за кои има нови околности или обвиненија, со цел да одговараат оние што избегале од правдата. Во врска со Груевски, тој истакна дека одлука на унгарската влада е да не го екстрадира.

– Немаме добиено никакви нови одговори од Унгарија. Сега ќе побараме повторно екстрадиција според новите околности и обвиненија. Одговорите се секогаш исти, мислам дека тоа е нивна политичка проценка и одлука на унгарската влада за задржување на бегалецот Груевски – рече Маричиќ.

Професорот Гордан Калајџиев објаснува дека во новото барање за екстрадиција на Груевски, Министерството за правда мора да приложи документи за сите дела за кои тој се гони Груевски, односно за сите истраги, судења и пресуди, а Унгарија треба сите да ги прифати, за да може овде Груевски да одговара за сите дела. Но, досега унгарскиот суд одби две барања за екстрадиција, со образложение дека условите не се исполнети, а тој има статус на политички азилант.

Познавачите коментираа дека одлуката на Унгарија е и од политичка, а не само од правна природа, но и дека тие ги почитуваат одлуките на нивните служби и доколку го испратат Груевски во Македонија, ќе ги дискредитираат сопствените органи. За потсетување, веднаш по бегството на Груевски во Унгарија, тамошната служба за азил и миграции по итна постапка му одобри политички азил, а во одлуката се наведува дека тој не смее да биде вратен ниту во земјите од каде што пристигнал – Црна Гора и Србија, затоа што животот и таму би му бил во опасност.

Молк во Обвинителството

Ниту од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција цела седмица не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ до каде е предистрагата за одговорност за бегството на Груевски, дали ќе има истрага или случајот ќе биде затворен. Последното соопштение на ЈОГОКК е од пред година и пол, во кое наведуваат дека до тој момент не утврдиле дека службени и други лица му помогнале на Груевски да избега. Минатата есен од ова обвинителство рекоа дека предистрагата е сѐ уште во тек и дека се очекуваат извештаите од наредените вештачења на одземената техничка опрема, но оттогаш нема нови информации. На првата годишнина од бегството, претседателот Стево Пендаровски рече дека е разочаран што сè уште нема извештај од институциите, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски тогаш рече дека пропустот треба да го утврди Обвинителството и да поведе постапка, затоа што „ако немаме казнивост, може да ни се повторуваат овие дела“.

Во предистрагата се сослушани шеесетина лица од полицијата, од граничната полиција, од обезбедувањето на Груевски и други, а обезбедени се и листинзи од телефонските контакти на експремиерот од периодот пред бегството. Се уште не е познато како Груевски од Македонија влегол во Албанија, од каде што, пак, преку Црна Гора и Србија се скри во Унгарија.

Во периодот по бегството имаше серија меѓусебни обвинувања на релација полиција, СЈО, судство, гранична полиција за тоа кој е виновен, особено што на надлежните им бил познат фактот дека на еден месец пред бегството Груевски повлекол многу готовина од банките. Имаше и сомневања дека се работи за политички договор на Груевски со власта, што премиерот Зоран Заев го демантираше и најави дека ги знае сите детали за бегството и гори од желба да ги каже, но ќе го сторел тоа кога ќе дојде време. Ниту Груевски досега не откри како избегал и кој му побегнал и тврдеше дека не избегал од одлежувањето на двегодишната казна, туку поради индиции дека во затворот ќе го убијат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот