Д-р Караџовски: Одлуките не се носат според ничие лично мислење, бројките ќе кажат дали ќе носиме маски на отворено цело лето

Луѓе со заштитни маски во Градскиот парк во Скопје есен ковид-19 коронавирус
Луѓе со заштитни маски во Градскиот парк во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Се уште никој од Комисијата за заразни болести не сака јавно да зборува за можноста да се укине мерката за задолжително носење маска на отворен простор. Иако во јавноста веќе се шпекулира за ваквата опција, доктор Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести во изјава за „Слободен печат“ вели дека неопходна е 14 дневна опсервација на стапката на смртност, хоспитализации, број на слободни болнички кревети, за да може да се даде било каков предлог за намалување на рестриктивните мерки. 

-Се уште е многу рано, имаме денови пред нас, актуелните мерки важат до први јуни, и пред време не можам да кажам ништо. Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок следната недела и ќе одлучи какви мерки за заштита од коронавирусот ќе бидат активирани од 1 јуни. Моето лично мислење не е важно, затоа што одлуките не се донесуваат врз ничие лично мислење или став, туку врз основа на бројки и параметри. Се анализираат сите достапни податоци, се анализира колку хоспитализации има, и колку болнички кревети се слободни. Се анализира и смртноста односно колкав е процентот на морбидитет во период од 14 дена, објаснува д-р Караџовски.

Доктор Александар Стојанов, епидемиолог кој до неодамна ја извршуваше функцијата директор на Центарот за јавно здравје и беше член на Комисијата за заразни болести, вели дека носењето маска на отворено нема ефект бидејќи е познато дека вирусот се пренесува доколку имате контакт со заразено лице подолго од 15 минути и тоа на растојание од 1,5 метар.

-Одлуката да се носат маски на отворено беше донесена повеќе во контекст на стекнување навика кај граѓаните. Мое лично мислење е дека треба да се предложи укинување на оваа мерка, од причина што вирусот се пренесува доколку имате контакт со заразено лице подолго од 15 минути и тоа на растојание од 1,5 метар, што значи дека ако се разминете со некој на улица минимални се шансите тоа да се случи. Од друга страна и бројките го дозволуваат тоа затоа што секојдневно бележат континуиран пад. Неприфатливо е тоа што од граѓаните се бара да носат маски и на Водно кога пешачат или кога шетаат на Кеј на Вардар. Сепак, за во затворените објекти, кино сали, автобуси, продавници, носењето маска треба да биде задолжително, вели епидемиологот Стојанов.

Дел од државите веќе носат одлуки да ја укинат ваквата мерка.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести, на пример, одлучи целосно вакцинираните лица да можат да седат во затворен простор без заштитни маски.

Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, побара продолжување на вакцинацијата и повика да не се прекинува со почитување на мерките. Тој им порача на Французите да ги носат маските барем до крајот на јуни.

Во Црна Гора повеќе нема да биде потребно да се носи маска на отворено, а мерката за укинување ќе важи до 28 мај.

Слично се подготвува и во Србија, каде што граѓаните летово ќе бидат ослободени од обврската да носат маски.

Мерките на Комисијата за заразни болести важат до 1 јуни и предвидуваат забрана за движење на населението од полноќ до 4:00 часот наутро, а угостителските објекти работат до 23:30 часот.

Секое домашно или странско физичко лице на територија на Македонија е должно да носи лична заштита на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично. Исклучок има кај лица што носат посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи, возат велосипед или индивидуално спортуваат на отворено, се движат на јавни места каде што може да се задржи минимално растојание од 2 метри, патуваат во автомобил со лицата со кои живеат или седат во својот двор.

Но, граѓаните се повеќе се опуштаат и се поретко ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19. Со маски под брада, закачени на рака, или ноншалантно фрлени во некој џеб од палтото,  ги предизвикуваат полицајците  да им напишат парични казни кои достигнуваат до 20 евра. Доколку во рок од осум дена граѓанинот се одлучи да го плати прекршочниот платен налог, тогаш ја уплаќа половината од казнената сума.

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата држава на 439 лица им е напишана казна заради неносење на маска, а откако е донесена одлуката да се носат маски на отворено, казнети се 191.984 граѓани за неносење заштита на лицето, информираат од МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот