Д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија на РСМ: Не е секогаш лесно да се биде жена на ваква висока и одговорна функција!

Фото: Приватна архива

Од најголемиот дел од нашата јавност нашата работа наидува на разбирање и поддршка, а доказ за тоа се изложбените салони секогаш преполни со публика, вели Дита Старова Ќерими во интервјуто за „Женски печат“.

Функцијата директорка на Националната галерија на РСМ, д-р Дита Старова Ќерими (1984) со особен успех ја извршува од 2015 година, но таа е и афирмирана академска сликарка и педагог, доцент на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. Препознатлива е по елегантниот стил, украсните цветови од тул или свила што ја красат нејзината гардероба, марамите во впечатливи бои, по личниот печат што го остава и со појавноста и во работата. Својата функција ја смета за мисија, а предизвикот, вели, е голем, знаејќи дека во почетоците оваа институција ја раководеле нашите основоположници како Лазар Личеноски и Никола Мартиноски. 

Нерадо споменувам дека некогаш сме изложени на удар, дека се јавуваат малициозни и неумесни коментари во смисла на „ниски удари“. Но мојот најголем личен одбранбен механизам гласи: И кога ќе ти направат лошо – врати со добро! / Фото: Приватна архива
Неодамна се вративте од отворањето на Биеналето за архитектура кое се одржува во Венеција. Вие сте комесар на македонското претставување. Со какви впечатоци се вративте од Венеција?

– Оваа година ја имав честа да бидам комесар на еден одличен проект кој достојно ја претстави нашата земја на една од најпрестижните манифестации во Европа, помеѓу 61 национални павилјони. Дозволете ми да почнам од самото отворање, зашто ова е прва меѓународна манифестација која се одржува од почетокот на пандемијата. Како што рече и генералниот комесар на Биеналето, либанскиот архитект Хаким Саркис, манифестацијата беше одложена за една година, според него, со намера да го осмисли постковидскиот свет и моделот на градот што ќе произлезе од него. Неколкупати одложувана, манифестацијата конечно се отвори за публиката на 22 мај. Ова биенале значи враќање во живот и враќање на работа, доверувајќи им ја можноста на учесниците на еден од првите меѓународни настани каде што публиката конечно може да биде присутна: Италија ги олесни ограничувањата во врска со пандемијата пред нејзините соседи за неколку месеци.

„Важно е јавноста да се врати не само како доказ за нашата повратена слобода, туку и за дијалог и да ги избегнеме грешките направени во минатото“, изјави претседателот на Биеналето Роберто Цикуто, придружен од либанскиот архитект Саркис на отворањето на Биеналето.

Фото: Приватна архива

Повикот за дијалог одговара на прашањето избрано како главна тема пред почетокот на пандемијата и кое го доби своето целосно значење оттогаш – „Како ќе живееме заедно?“

„Ова прашање им го поставуваме на архитектите затоа што не сме задоволни од одговорите што ги нуди политиката“, прецизира Саркис на отворањето.

Социјалните нееднаквости, климатските и здравствените кризи, масовната миграција се предизвици што ги влоши пандемијата и кои мора да се решат на глобално ниво. Сите сто дваесет учесници од 46 земји и 61 национални павилјони нудат насоки за размислување во тој контекст.

Предизвикот поставен од Хаким Саркис е значаен: „Да се надмине моделот на метропола кој триумфираше во 20 век и кој сега е застарен со поделбите во градот/селата, центарот/периферијата. Ние мора да ја замениме формулата за социјален договор со онаа на просторниот договор“.

Патеките отворени од архитектите се мулти и интердисциплинарни, надминувајќи ги границите на нивните уметности: биологија, агрикултура, антропологија…

На Биеналето беа видливи различни концепти. Додека Јапонија ја реконструира традиционалната дрвена куќа на архипелагот на лагуната, Соединетите Држави го презентираа својот омилен градежен систем, дрвената рамка, со монументална инсталација што комуницира со неокласичната структура на нивниот павилјон. Обединетите Арапски Емирати предлагаат истражување за „еколошки цемент“, знаејќи дека традиционалниот цемент е одговорен за 8 % од емисиите на СО2. Израел ги изложува еколошките последици од урбанизацијата и механизираното земјоделство за да создаде нов пакт меѓу луѓето, животните и природата.

Во македонскиот павилјон е поставен проектот „Сега“ на Бирото БИНА (Биро за инвентивна архитектура), под водство на кураторот Бекир Адеми. Какви беа реакциите, коментарите, воопшто вниманието кон проектот?

– Најнапред би сакала да истакнам дека нашиот проект најде место во престижниот атриум на ,,Палацо Зорци“, близу регионалната канцеларија на УНЕСКО за Европа. На темата на Биеналето поставена од Хаким Саркис, еден од водечките умови во архитектурата и филозофијата во денешниот свет, конкретизирана со прашањето до авторите на проектите „Како ќе живееме  заедно“, ние одговоривме со проектот „Сега“. Реализацијата на овој проект наиде на одличен прием на Биеналето во Венеција. Угледни хроничари на Биеналето одбележаа во италијанските медимуми дека проектот ,,Сега“ ја имплицира во својата идеја и поставка неопходната потреба од брзи промени во општеството и открива два битни аспекта на релацијата простор–време, потребата од раздвојување и заштита, како и потребата за симбиотска врска со околината.

Во италијанската критика беше посебно нагласен концептот да се материјализира во маестрална композиција составена од елементи меѓусебно поврзани во единствена хармонична просторна структура, една архетипска рамка, асоцијација на дом и прибежиште.

Проектот „Сега“ има и една обединувачка димензија во сегашниот свет на делби. Како беше тоа забележано меѓу италијанските домаќини?

– Во време кога старите научни парадигми брзо се заменуваат со нови, кога местото на човекот и човештвото на нашата планета се редимензионира, пред науката, уметноста и имагинацијата на архитектурата се поставуваат нови предизвици. Творецот на проектот „Сега“ ја имал идејата како да живееме поуспешно заедно во новите времиња во нашата вистинска и заедничка татковина  планетата Земја. Во проектот е можна потрагата по вечното единство на двојностите, што е посебно видливо во односот  на микро и макроструктурата. Инсталацијата „Сега“ е среќен симболичен отсечок на мноштвото асоцијации на идејата дом и соживот. Проектот содржи и една апсолутна мултикултурна димензија, според која се трага во новите релации на човекот и неговиот дом во локални и универзални димензии.

Какво значење, според Ваше мислење, би можело да има годишново учество на Република Северна Македонија на 17-тото Венециско биенале?

– Како што за Италија годишново Венециско биенале беше прв значаен меѓународен настан по пандемијата, така и за Република Северна Македонија настапот во Венеција беше еден од првите меѓународни настапи во истиот период. Откако проектот „Сега“ доби силна поддршка во земјата, во прв ред од Министерството за култура и министерката д-р Ирена Стефоска, која имаше видеообраќање на свеченото отворање на Биеналето, како и од нашата културно-уметничка фела, тој предизвика живо внимание меѓу венецијанската публика и уметничка критика. Сметам дека ваквите проекти со обединувачка и мултикултурна димензија, втемелeни врз јасна визија и уметнички квалитети, го покажуваат јасно нашето место во европската цивилизација.

Фото: Приватна архива
На каков прием наидовте кај италијанските домаќини, дали можат да се очекуваат нови контакти и соработка?

– Уште на самото свечено отворање на нашата изложба, Матео Росети, претставник на Регионалниот центар на УНЕСКО во Венеција, го поздрави учеството на Македонија со успешен и инвентивен проект кој на прекрасен начин со вклопува во програмата на годишново Биенале. Од перото на истакнатиот уметнички критичар Карло Франца беше истакнато дека ,,проектот од  архитекти од Република Северна Македонија, претставен на Биеналето за архитектура во Венеција за 2021 година, е во функција на дијалектиката изразена од оваа млада земја пред вратите на Европа и нејзино успешно отворање кон светот“. Забележано е дека во Македонија, посебно во главниот град Скопје, во последниот половина век, особено по катастрофалните разурнувања од 1963 година, „продефилирале“ повеќе архитектонски стилови, од варијации на суровиот бетон до апликации на стиловите на изминатите епохи. Проектот „Сега“, во духот на Биеналето за архитектурата, за Македонија означува реален излез и отворање кон Европа.

Домаќините се однесуваа со особена почит кон нашата делегација и авторите на нашиот проект, беше изразена заедничката желба да продолжи соработката и во нови облици и венециското искуство во чувањето на културното наследство да се прошири низ заедничка соработка и во нашата земја.

Постои убава традиција на македонското учество на Биеналето во Венеција и нашиот павилјон отсекогаш предизвикувал внимание кај италијанската публика и критика. Венецијанците добро се сеќаваат и на „Златниот лав“ што Милчо Манчевски го освои на Меѓународниот филмски фестивал за филмот „Пред дождот“. Да истакнам дека имаше и други позитивни реакции во Италија за нашето учество на Биеналето. Во името на делегацијата му изразувам посебна благодарност на нашиот конзул во Венеција господинот Стојан Витанов, кој нѐ поврза со многу значајни авторитети од културата во Венеција.

Функцијата директорка на Националната галерија на РСМ со особен успех ја извршувате од 2015 година. Кои се најголемите предизвици и предности на една жена на ваква значајна функција?

– Свесна за сложеноста на функцијата директор на Националната галерија, уште од првиот ден ги впрегнав сите сили, како човек кој го минал целиот век во школување за сликарството – претшколска обука во Париз, Средно уметничко училиште, па студии, магистратура и докторат по сликарство, со претходно искуство како универзитетски професор по сликање и цртање. Најпрвин требаше да ги утврдам стратегиските приоритети во мојата функција, која ја сметав и сѐ уште ја сметам за мисија. Поминав долг период во реновирање и поправки на трите објекти на Националната галерија (Даут-пашин амам, Чифте амам и Мала станица), со донации и од странски амбасади и од други места, во прв ред од САД. Ни претстои битно реновирање на Мала станица со средства од програмата на Министерството за култура. Во вака обновените објекти се одржани и капитални самостојни изложби на нашите врвни сликари Петар Мазев, Борка Лазески, Адем Кастрати… Притоа, мојата мисија не би имала успех ако не соработувам со искусните кустоси и сликари кои имаат повеќегодишно работно искуство. Предизвикот за мене лично, но и за сите нас, е голем, знаејќи дека во почетоците оваа институција ја раководеле нашите основоположници како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски… Да се биде жена на ваква висока и одговорна функција не е секогаш лесно. Можам да речам дека од најголемиот дел од нашата јавност нашата работа наидува на разбирање и поддршка, а доказ за тоа се изложбените салони секогаш преполни со публика. Нерадо споменувам дека некогаш сме изложени на удар, дека се јавуваат малициозни и неумесни коментари во смисла на „ниски удари“. Но мојот најголем личен одбранбен механизам гласи: И кога ќе ти направат лошо – врати со добро!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот