ЦЈЗ: Поради 2-3 заразени ученици нема потреба цело одделение да оди во изолација

Училиште ученици Македонија зима
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Со позитивни по пет или повеќе ученици од едно одделение наставата продолжува да се одвива со физичко присуство, со ризик сите ученици да развијат симптоми и да ги пренесат на домашните, реагираат родители до „Слободен печат“.

Ивана, мајка на првооделенец вели дека во одделението на нејзиниот син има пет деца кои се отсутни поради коронавирус, но е незадоволна што не се донела одлука одделението да се префрли на онлајн настава.

– Протоколите во однос на изолацијата постојано се менуваат. Не ми е јасно како може дете кое било во контакт со позитивни на ковид да не добие решение за изолација, туку само препорака, само да се изолира? Од друга страна работодавачите бараат документ со кој ние би можеле да се оправдаме за отсуството од работа, додека сме дома со нашето изолирано дете, но без симптоми, вели Ивана М. од Кисела Вода.

Ова не е изолиран случај, за слична ситуација алармираат и родители од повеќе скопски општини, но од Центарот за јавно здравје велат дека нема потреба да се изолира цело одделение, освен ако истовремено не се појават голем број на позитивни деца.

– Ако одеднаш има појава на повеќе случаи позитивни на ковид во едно одделение, ние ќе дадеме решение за изолација за цело одделение, но ако има две до три позитивни деца, ние даваме решение за изолација во времетреаење од седум дена ако нема симптоми или десет дена ако детето има симптоми. Контактите, односно другарите од одделението ќе добијат решение за изолација ако од наставничката или класниот раководител добиеме информација дека децата се дружеле пред и после часовите, кога не е задолжително носењето заштитна маска, или пак ако добиеме информација дека јаделе заедно во училишните кујни, објаснува д-р Марија Гочевска од ЦЈЗ.

Таа нагласува дека е невозможно поради едно или две деца да се изолира цело одделение.

– Ако ние цело одделение го изолираме, тоа ќе треба да го правиме постојано, бидејќи постојано има, и ќе има по некој нов позитивен на ковид. Таквиот начин на никого нема да му биде од корист, напротив ќе предизвика психички последици кај учениците кои и сега многу тешко ја прифаќаат изолацијата. За да има што помала трансмисија во училиштата, апелирам до родителите и при најмал симптом на настинка, дури и да не се сомневаат дека во прашање е ковид, децата да не ги носат во училиште, а ако се во можност и да ги тестираат, апелира д-р Гочевска.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој пред почетокот на второто полугодие најави скрининг во училиштата, нема информација кога ќе почне процесот кој претходно беше најавен од надлежните здравствени институции со цел да се утврди каква е состојбата со коронавирусот во училиштата.  Меѓутоа вели дека процесот е во тек и ќе се реализира во следниот период.

-Денеска немаме информација од Министерството за здравство, но тие соработуваат со Комисијата за заразни болести. Денеска имаат состанок, сигурно во наредниот период може да го организираат и скринингот, рече министерот Шаќири.

Министерот за здравство Беким Сали уште пред почетокот на второто полугодие најави дека скрининг на учениците ќе има уште првата недела.

Видео на денот