Член на избирачки одбор не ѝ дозволил на новинарката Мери Јордановска да фотографира во просторијата каде се гласало
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ќе достави претставка за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од новинската агенција Мета.мк до Државната изборна комисија (ДИК). Претставката се однесува за непрофесионален однос на претставник од избирачкиот одбор на избирачко место бр.2762 во општина Кисела Вода во Скопје каде колешката Јордановска била спречена во извршување на својата професионална новинарска работа.
Според пријавата од колешката Јордановска до ЗНМ, и покрај што таа уредно се претставила и ја покажала својата новинарска легитимација, членот на избирачкиот одбор во гласачкото место во кино салата во општина Кисела Вода во Скопје не ѝдозволила да фотографира во просторијата каде што се одвивало гласањето.
Укажуваме дека вакви и слични инциденти не смеат да станат пракса каде новинарите и медиумските работници се спречени професионално да си ја вршат својата работа за време на изборниот процес. ЗНМ со внимателност ќе ја следи постапката за овој случај до надлежната институција и ќе бараме одговорност од страна на Државната изборна комисија (ДИК) да биде изречена санкција кон членовите на избирачките одбори кои ја попречуваат работата на новинарите, велат од Здружението на новинарите.