Чаре за ветото ќе се бара по празниците

Има ли шанси пред парламентарните избори во март во Бугарија да се најде решение за бугарскиот проблем со Македонија и да се одблокира усвојувањето на преговарачката рамка за членство во ЕУ? Според македонските претставници во преговорите такви шанси има, според бугарската власт блокадата никогаш и не била поврзана со изборите, а според домашните аналитичари – нема.

Министерот Османи вчера пред пратениците повтори дека од наша страна е исполнето се што треба за да почнат преговорите со ЕУ, а одложувањето е грешка на самата ЕУ.

– Доволно сме подготвени за да ги почнеме преговорите и одложувањето беше грешка на ЕУ. Но, не треба да не обзема песимизам, апатија ниту дефетизам, затоа што процесот за влегување во ЕУ е сложен, се одлучува со консензус од сите членки и треба да се навикнеме на тоа. Имаме голем број пријатели внатре во ЕУ, чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите, а тоа е обединета Европа со Западен Балкан целосно интегриран во Унијата. Ние немаме друга алтернатива, нашиот стратешки интерес останува ист, да ја внесеме Европа дома и да ја однесеме Северна Македонија во ЕУ – рече Османи, вчера на седницата на Собраниската комисија за надворешна политика, каде го поднесе годишниот извештај за остварувањето на надворешната политика и меѓународната положба на Македонија.

Специјалниот пратеник Бучковски гледа нова шанса со португалското претседателство со Советот на ЕУ што почнува на 1 јануари. Тој вели дека од министерството за надворешни работи на Бугарија се очекуваат евентуални забелешки и дополнителни предлози за акцискиот план.

– Патоказот или патната карта, како што ја нарекуваат, треба да биде една од алатките за интензивирање на реализацијата на Договорот за соработка и пријателство. Мислам дека тоа би требало да го добиеме веќе по Нова година, што би било еден позитивен импулс дека ќе имаме нова, посериозна шанса пред парламентарните избори да видиме дали можеме да изнајдеме компромис за неколкуте отворени прашања – изјави Бучковски во телевизиско гостување.

Според него, македонскиот тим во преговорите интензивно се координира и нуди решенија за да покаже подготвеност за договор и покрај разочарувањето.

– Португалското претседателство е нова шанса. Пред изборите во Бугарија ќе се обидеме да ги дефинираме и убеден сум дека ќе ги дефинираме оние прашања што се најприоритетни да ја вратиме довербата – изјави Бучковски.

И од Владата повторуваат дека ќе продолжат да даваат и да разменуваат идеи се додека не се надминат проблемите и пречките со официјална Софија.

– Владата пред десетина дена информираше дека документот што го предаде Бучковски во Софија содржи и размена на идеи кои постојано ги даваме и ќе продолжиме да ги даваме, се додека не ги надминеме проблемите и пречките кои од страна на Бугарија се испречија за нашата европска интеграција – рече владиниот портпарол Душко Арсовски.

Најголем дел од македонските аналитичари велат дека нема никакви шанси Бугарија пред изборите да попушти од нивната ригидна позиција кон Македонија, а евентуално поместување може да се очекува штом ќе се формира идната бугарска влада. Голем дел од нив сметаат дека блокадата што Бугарија ја стави за нашата земја во ЕУ е токму во функција на изборите, за билдање на рејтингот на владејачките партии, кои соочени со сериозни граѓански протести, спасот од изборен пораз го најдоа во националистичка реторика кон Македонија.

Неодамна и претседателот Стево Пендаровски сугерираше дека партиите во Бугарија го користат македонското прашање за да го кренат рејтингот пред гласањето, но министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева неколку пати тврдеше дека изборите и блокадата не се поврзани.

– Ако се најде решение со Северна Македонија, ние ќе го потпишеме и на два дена пред изборите – рече Захариева.

Мас: Германија ќе продолжи да помага во спорот

Германија ќе продолжи да се залага за изнаоѓање решение за бугарско-македонскиот спор и по завршувањето на германското претседателство со ЕУ на крајот на оваа година, вели германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во интервју за „Дојче веле“.

– Ние сме последните кои кочат кога станува збор за оваа тема. Во суштина, кога се работи за блокадата, станува збор за билатералните односи на Бугарија и Северна Македонија. Ние, како претседателство со Советот на ЕУ, вложивме многу напор во обидот да се дојде до решение. За жал, без успех – вели Мас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот