Цела година не можат да здивнат од постковид компликации

Фото: Слободен печат /Драган Митрески

Долг е списокот на штетни последици по здравјето врз пациентите што имале потешка форма на ковид-19, па голем дел од нив се приморани да бараат хоспитализација откако биле отпуштени како негативни на вирусот. Лекарите што ги консултиравме велат дека овие компликации се карактеристични особено кај повозрасни лица. Проблеми со дишењето, губење на осетот за мирис и вкус, долготраен замор и физичка немоќ, кардиоваскуларни и мозочни проблеми, како заборавање, психички замор. Кај дементните болни се јавуваат психолошки и проблеми со помнење и мислење.

Доктор Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија, вели дека во таа болница се хоспитализирани петнаесетина пациенти со т.н. долг ковид, односно со постковид компликации.

Докиќ: Антикоагулантната терапија да се дава и до 45 дена

– На Клиниката се обидуваме да им помогнеме. Брзо се задишуваат, им паѓа сатурацијата, се јавува рана фаза на фиброза што се задржува подолго време. Друга компликација кај постковидот е тромбоемболијата и оштетување на крвните садови. Ако не се зема по исписот од болница во рок од 45 дена терапија, односно апчиња за намалување на коагулацијата, може да се јават сериозни проблеми. Тогаш пациентите со развиена тромбоемболија ги хоспитализираме и со компјутерска томографија се обидуваме да ги спасиме да се разбијат тромбите и да се даде соодветна терапија – вели д-р Докиќ.

Д-р Дејан Докиќ

Тој додава дека има и постковид инфаркти, миокардити, мозочни проблеми, заборавање, психички замор, недостиг на енергија, особено кај постарите лица. Се провоцираат проблеми со деменција, психолошки проблеми со помнење и мислење, вознемиреност, агитираност – објаснува доктор Докиќ.

Со цел да се едуцира медицинскиот кадар, годинава Здружението на пулмолози и алерголози организираше обемен симпозиум со специјалисти од сите области со цел да ги запознаат колегите од секојдневната практика со постковид компликациите што се манифестираат на различни начини.

Мехмедовиќ: Пневмонијата трае долго

Д-р Злате Мехмедовиќ

Нарушување на респираторниот систем со намалена сатурација и постковид пневмонија која трае долго се само дел од последиците на долготрајно боледување од ковид-19, вели за „Слободен печат“ д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом Скопје.

Поради тоа што е мултисистемска болест и може да зафати голем дел од органите, на дел од пациентите им се оштетени и крвните садови, односно нивниот ендотел, поради што се „откачуваат“ и тромби, кои може да се заглават во органите.

– Уште еден од основните симптоми што ги вознемирува пациентите е губењето на сетилата за мирис и вкус и долготрајниот замор и физичка немоќ. Тоа се основните симптоми. Специфични симптоми на долг ковид, пак, кои се јавуваат поретко, е тоа што кај некои пациенти има нарушување на шеќерот, како и појава на синдромот на Гилен Баре. Овие симптоми се поретки – вели д-р Мехмедовиќ.

И по шест месеци до една година може да траат постковид компликациите и единственото правило е дека нема правила, објаснува Мехмедовиќ.

Физиотерапевт ги учи како да дишат

Пациенти што биле испишани, откако ќе видат дека дома не им е подобро и тешко дишат, доаѓаат на Клиниката за пулмологија, вели Докиќ.

– Потешките пациенти ги ставаме на неинвазивна вентилација и следиме дали им се подобрува сатурацијата со кислород и дали можеме да ги тргнеме од маска. Кога ќе ги тргнеме од маската, неколку денови ги опсервираме да се осигуриме дека се стабилни. Имаме и физиотерапевт за рана рехабилитација, кој ги тренира пациентите како да дишат, да искашлуваат и како да примаат различна инхалаторна терапија, односно техника на земање спрејови за полесно дишење. Во ова се состои раната физикална терапија, по што ги препраќаме пациентите во Институтот за рехабилитација Козле – вели доктор Докиќ.

На Клиниката има концентратори за кислород, но исти такви пациентите треба да си набават и за дома, вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот