Царински инспектори следеле сомнителна пратка до Гостивар, ѝ влегле дома на девојка од Турција
При претрес на стан во Гостивар, во кој престојувала студентка, државјанка на Република Турција, инспектори од Одделението за истраги пронајдоа психотропни супстанции – метилендиоксиметамфетамин, мефедрон, марихуана и семки од канабис.
Препорачано
Претресот е извршен по налог од надлежното Јавно обвинителство, при што се пронајдени шест таблети со вкупна тежина од 0,29 грама метилендиоксиметамфетамин, 1,63 грама мефедрон, марихуана и десет семки од канабис.
Во текот на предистражната постапка е утврдено дека осомничената студентка примила авионска пратка од Белгија, заведена како „нотес“. Откако ја отворила пратката и ја извадила дрогата, инспекторите веднаш извршиле претрес, по налог на јавен обвинител, при што биле пронајдени забранетите супстанции.
Со наредба на јавниот обвинител, запленетата дрога е испратена на вештачење во Министерството за внатрешни работи, каде што е потврден нејзиниот хемиски состав.
Против студентката е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гостивар за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, казниво по член 215, став 1 од Кривичниот законик.


