Царината со свои методи се бори со корупцијата, полиграфот не е прифатлива опција за цариниците

Трета дебата за полиграфот/Фото: МВР

На третата дебата за воведување на полиграфско тестирање за утврдување интегритет на службениците кои работат на граничната линија на која беа поканети повикани раководните лица во засегнатите институции помина без личното присуство на техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, а исто така поради обврски не се појавија и директорите на Царинската управа, Агенцијата за финасиско разузнавање, УЈП, АХВ, но испратија свои претставници.

Заменик министерот за внатрешни работи Митко Бојмацалиев ја поздрави иницијативата за полиграф и се наврати на мерките кои во изминатите 7 години владата на СДСМ ги спроведе со цел да се справи со корупцијата во полицијата.

-Со дигитализацијата, односно воведувањето на дигиталните радари и дрегери во сообраќајната полиција при што се се снима и се вчитуваат податоците, се намали корупцијата во сообраќајната полиција, како и со боди камерите кои сега ги носат и полициските службеници од граничните премини. Полициските службеници дополнително ги мотивиравме да зголемени плати, нови униформи, реновирани полициски станици и низа други мерки со кои се подобрија условите, со што се намалува мотивот за посегнување по корупција. Сега имаме повеќе уапсени лица што нуделе мито отколку полицајци кои примиле мито, нагласи заменик министерот Бојмацалиев.

Директорот на Финансиската полиција Горан Иванов нагласи дека полиграфот е добра превентивна алатка, на доброволна основа но не е доволна и повика да продолжи дискусијата за оваа мерка и да се слушнат повеќе мислења и размена на искуства со странските земји.

-Намалувањето на коорупцијата и нашиот пат кон Европската Унија зависи и од полиграфот и од другите мерки кои треба да ги воведеме, нагласи Иванов кој се интересираше како функционира полиграфот и дека треба да се имаат предвид здравствените проблеми кои би ги имал испитаникот како и интегритетот на испитувачот.

-Полиграфот детектира страв од откривање, страв од казна, преку автономна реакција на организмот која не може да се контролира, а ја регистрира уредот, појасни Сафет Фрчовски, долгогодишен полиграфист во МВР, а сега работи во приватно полиграфско биро.

Инаку, иницијативата за полиграф која ја покрена Националниот координатор за гранично управување проф. д-р Владимир Пивоваров и ги организира јавните дебати со засегнатите страни истакна дека замислата е полиграфските експерти кои имаат соодветни лиценци и бидат избирани од Собранието и таму да одговараат и дека не се работи за приватни фирми кои ќе ја вршат оваа дејност.

Претставничката на Управата за финансиско разузнавање нагласи дека злоупотребата на службената положба е најголема закана и ризик за перење на пари и финансирање на тероризам, што е во нивна надлежност. Таа ги нагласи мерките кои се преземени досега за сузбивање на корупцијата како што се Единиците за финансиски истраги во МВР, Царината, Финансиската полиција.

-Интероперабилноста како процес е клучен фактор којшто влијае како на ефикасноста така и на ефективноста на сите институции. Овие фактори дополнително ја зголемуваат објективноста и го намалуваат ризикот од корупција. Посебно внимание треба да се посвети на човечките капацитети, јакнење на интегритот, транспарентноста во работењето и обезбедувањето на задоволство од завршената работа, е пораката од Агенцијата за финансиско разузнавање каде вработените работат со доверливи податоци со безбедносен серификат и оваа проверка ја сметаат за ефикасен метод за интегритет.

Заменик директорот на Царинската управа Тони Апостоловски се обиде да појасни дека досегашните мерки кои се воведени во Царината како превентивни за сузбивање на корупцијата на царинските службеници имаат ефект. Боди камерите, видеонадзорот на граничните премини, како и новоформираниот Сектор за посебни истражни мерки ќе има голема улога во превенирањето и репресијата за откривање и санкционирање на злоупотреби на цариниците. За полиграфот сметаат од Царинска управа дека може да предизвика последици од културолошки, социјален, етнички и уставноправен аспект.

Националниот координатор Пивоваров реплицираше дека проблемот е што Царинската управа не реагира на снимките кои во реално време ги прави Центарот за интегрирано гранично управување на кои се снимени еклатанти примери на корупција, а Царината и покрај тоа што е уредно известена за постоење на снимките упорно не ги бара за да поведе постапка против своите службеници.

Дебата за воведувањето на полиграфот треба да заврши идната недела кога политичките партии ќе ги соопштат своите ставови за оваа иницијатива на Владата. Јавното обвинителство досега не го соопшти својот став, иако инцијативата предвидува ако полиграфот откриен индиција за коруптивно дејство, случајот да го преземе и истражи Обвинителство. Зелено светло веќе дадоа експертите, синдикалците во МВР и Царината, транспортерите и бизнис секторот.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот