Полиграфот е прифатлив за бизнис секторот и за синдикалците во МВР и Царина, посочени и другите проблеми кои генерираат корупција

Втора јавна дебата за „Утврдување на интегритет на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на ГП и граничната линија“ во организација на Националниот координативен центар за гранично управување на Владата/Фото: Слободен печат

На втората јавна дебата за воведување на полиграфско тестирање за припадниците на полицијата, Царината и другите службеници на граничната линија како инструмент за утврдување на интегритет во професијата беа поканети претставници од бизнис секторот, од транспортните и шпедитерските здруженија како и од синдикатите на полицијата и Царината.

Националниот координатор за гранично управување проф. д-р Владимир Пивоваров ја образложи идејата со која треба да се сузбие корупцијата на граничните премини, што од друга страна ќе ја намали сивата економија и ќе ги полни буџетот на државата.

-Сивата економија почнува од границата, а после се надоградува. Ако на граница има само еден корупиран полицаец и цариник ќе се пропуштат акцизни стоки, мигранти, оружје, дрога, експлозивни материи, а со загрозува и безбедноста на државата. Воведувањето полиграф е единствен начин да ја превенираме корупцијата на граничната линија, зошто се покажа дека истрагите не даваат никаков резултат, а корумпираните службеници пак се враќаат на работа. Само со оваа мерка ќе имаме побогата држава и може да се надеваме на благосостојба, рече проф. д-р Владимир Пивоваров.

Ѓино Шкриељ од Здружението на шпедитери при Стопанската комора ја поддржа иницијативата за полиграф, но укажа и на другите недостатоци во законските прописи кои водат кон корупција.

-Колку се поголеми казните се зголемува корупцијата. Ако работат сите шест ленти на граничниот премин нема никој да подмитува да помине. Мора да бидеме пофлексибилни и да ги детектираме сите причини за корупцијата за да имаме поголем успех, рече Шкриељ.

Претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев Тодев силно ја поддржа иницијативата за полиграфирање на полициските службеници, а неговиот колега од Синдикалната организација на Царинската Управа при УПОЗ Тони Апостоловски рече дека дава безрезервна поддршка на борбата со организираниот криминал и корупцијата, но иницијативата за полиграф ја оцени како нецелосна и задоцнета и ја прифаќа со резерва, зошто освен резултатите од полиграфот мора да има и целосна истрага и докази за да се утврди корумпиран цариник.

Полиграфистот Никола Божиновски ги убеди присутните дека полиграфирањето ќе биде скроено соодветно на правилата од Американската и европската полиграфска асоцијација и ќе се однесува само на интегритетот, без трик прашања на кои би можел секој да падне, бидејќи не е тоа намерата. Полиграфот дава до 97 проценти точност.

Катерина Малетиќ од транспортна компанија повика да му се даде поголема тежина на полиграфот со криминално гонење на сторителите, а не само како индиција, зошто рече, корупцијата мора да се исече од корен, службениците мора да бидат свесни да си ја бранат професијата и да си ја бранат униформата која е чест да се носи.

Билјана Муратовска од Здружението на транспортерите МАКАМТРАНС изрази поддршка за проектот:

-Генерално ја поддржувам иницијативата, но не само на цариниците и полицајците на граничните премини. Мора во државата да постои мерит систем и да се престане со партиски вработувања. Исто така меѓу нив има вработени лица кои од незнаење прават грешки па затоа сметам дека со полиграф ќе се изберат вистински луѓе. Сите мора да се вложиме во ова и да ги кажеме сите проблеми со кои се соочуваме, рече Муратовска.

Од Здружението на превозници Транспорт Легис со дејност превоз на патници нагласија дека тоа е најоштетената гранка поради дивите превозници кои не ги почитуваат пропишаните услови за превоз на патници во меѓународниот сообраќај, кои даваат мито за да поминат без контрола, па дури и чекаат „нивен“ човек на смена за да ги пропушти преку граница.

Јавната дебата за употребата на детектор за лаги за службениците во пограничната линија продолжува со првите луѓе на Полицијата и Царината, Обвинителството, а четвртата е последна пред да се поднесе извештајот до Владата, ќе биде за да се слушне мислењето на политичките партии, кои според експертската фела од минатата дебата, и покрај поддршката, овој проект на крајот ќе зависи од политичката волја и пратениците во Собранието.

Директорот на царина, Стефан Богоев за Радио Слободна Европа вели дека полиграф не е решение за корупцијата кај вработените, тој би се потпрел на сигурни механизми и практики. Признава дека има корупција меѓу цариниците, па очекува да се проверува и нивната имотна состојба, а самата управа веќе поднела кривични пријави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот