Полиграф за полицајците и цариниците на граница – за да не се враќаат назад на работа корумпираните службеници

Полиграф дебата/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Експертите, главно професори и поранешни функционери во МНР, МВР и други ресори се согласни со иницијативата да се воведе полиграфско тестирање како алатка за испитување на интегритетот на лицата кои работат на граничната линија, цариниците и полицајците, но и инспекциските службеници од земјоделство и АХВ. Инцијативата потекна од Националниот координатор за гранично управување проф. Владимир Пивоваров и беше поддржана од тогашниот министер за внатрешни работи Спасовски како и од Владата, а целта е да се сузбие корупцијата, да се полни државната каса и да се спречат ризиците по безбедноста на државата.

-Секој припадник на службите од граничната линија еднаш годишно задолжително да оди на полиграфско тестирање, резултатите ќе бидат доставени до обвинителот и таквите луѓе, замислата е веднаш да бидат отстранети од работното место. По барање на обвинител и други служби и повеќе пати. Сега ни се случува дури и оние против кои се води кривична постапка после пресудите пак да се вратат на старите работни места. Злосторникот се враќа на местото на злосторството, рече Пивоваров во воведното излагање на Јавната трибина за употреба на полиграф во граничните служби.

Идејата за полиграфот ја поддржаа присутните експерти, додавајќи свои забелешки и видувања на целиот проект, пред се за политичкото влијание кое доаѓа од партиите и отсуството на објективен надзор и контрола врз службениците од граничната линија.

-Отсуството на интегритет води до состојби каде вработувањата во овие служби се исход од партиските пазарења. Силно го поддржувам овој проект кој ќе доведе до зголемување на проходот во буџетот, зошто корупцијата и сивата економија го кочат нашиот развој, рече поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска.

Екс министерот за финансии Џевдет Хајредини ја поддржа иницијативата, но нагласи сомневање во тајмингот и во намерите на владата искрено да се спроведе до крај овој важен проект.

-На полиграф треба да седнат двајцата лидери Ковачевски и Ахмети. Не е сарказам ниту иронија. Тие ги донесоа измените во Кривичниот закон и немаат морално право. И тие дозволиле, а сега бараат поддрчка за борба со корупцијата, рече Хајредини.

Професорот Благоја Спироковски ја нагласи етичката димензија на проблемот и предложи превентивни мерки во секоја институција со кои долгорочно ќе има поголеми ефекти ако постои посветеност  на етичкото однесување, на што проф. Пивоваров реплицираше дека постојат етички кодекси и стандарди во институциите но во 30 годишната пракса на постоењето се покажале како неефективни за интегритет и чесност кај државните службеници.

Соговорниците се согласни дека корупцијата не може да се искорени, но може да се сведе на подносливо ниво.

-Рак рана на нашето општество е енормно големата корупција и организираниот криминал. Со корупцијата се загрузува целосната безбедност и државата мо0ра да има метод за корупцијата да се сведе на подносливо нив. Полиграфот одамна се користи во безбедносните служби, како ЦИА, МИ6 и други за интегритет на кандидатите за работа. Кај нас кадрите во МВР и Царина за 5 евра си го продадоа достоинството. Во разнебитена Македонија ни треба законска рамка за примена на полиграфот, вели проф. Иван Бабановски.

Аналитичарот и поранешен висок функционер во МВР Гроздан Цветановски ја поддржа иницијативата но изрази негодување зошто владата сега дава пас за проектот:

-Се знае дека Царината е главен избор на финасирање на политичките партии. Инцијативата и да се прифати нема да се практикува. Вработувањата се партиски и нема да се согласат раководствата. Задолжителното полиграфско тестирање не се спроведе ниту при транформацијата на УБК во АНБ. Сепак Балканот е црна дупка и нема политичка волја за ваков чекор. Дури и мафијата користи полиграф при регутирање на  рече Цветановски.

Професорот на безбедност Марјан Николовски нагласи дека нема потенцијален кадар за да се спроведе полиграфско тестирање, а потребна е и техничка опрема за спроведување на процесот.

Професорот од Воената академија Зоран Јовановски кој доаѓа од армискиот сектор рече дека Армијата подобро се справувала, отколку интегрираното гранично обезбедување, но ја поддржа инцијативата, нагласувајќи дека од некаде мора да се почне.

-Полиграфот може да придонесе за подобро општествено живеење, но потребен е сериозен зафат во регулативата, нови, тестови, нови служби за спроведување. Во Македонија сепак најголем проблем е неспроведувањето, иако имаме одлични стратегии и закони, рече проф. Зоран Филиповски.

Реалната ситуација е дека постојат само четворица полиграфисти, од кои еден е во МВР, а другите во приватна фирма за полиграфско испитување. Според сегашната систематизација на граничната линија работат од 1.200 до 1.300 лица.

-Многумина полемизираат во врска со точноста на полиграфското тестирање и функционалноста на полиграфските системи. Точноста на полиграфскиот уред според многу научни истражувања изнесува до 97 проценти. Доколку дојде до позитивен исход од оваа дебата секако дека позитивно ќе се одрази врз интегритетот во работењето на овие служби и во контгекст на економска исправност и бенефит на целокупниот систем на нашата држава, рече полиграфистот Никола Божиновски од Полиграф Центар, лиценцирани во Американската и во европската полиграфска асоцијација и додаде дека и наодите на полиграфистите исто така се контролираат.

Лиценцирани полиграфисти/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

-Секое полиграфирање се снима. Целиот материјал се доставува до Јавниот обвинител кој може да спроведе истрага. Ова е силна индиција која покажува дека нешто страшно се случува. Во последните 20 до 25 години се прават сериозни научни истражувања во областа на полиграфијата. Се тестираат нови методи. Ние сме лиценцирани полиграфисти. Тие техники даваат соодветна веродостојност. Грубо кажано на 15 лица веројатноста некој да го помине полиграфот, а да има некоја вина е отприлика околу едно лице. Тоа е сериозен процент. На 94-95 проценти е сериозно висок процент, вели Костадин Иванов, полиграфист во МВР.

На дебатата имаше и предлози полиграфот како алатка да се прошири и на другите служби, а амбасадорот Љупчо Арсовски предложи оваа можност да постои и во економскиот, финансискиот ресор, како и во безбедносниот и во Министерството за надворешни работи.

Дебата за полиграфот како сериозен чекор во справувањето со корупцијата. До средината на април предвидено е да заврши циклусот по што до владата ќе бидат доставени конкретни предлози за измена на соодветните закони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот