Бугарската државна телевизија за вечерва најави документарец за убиени Бугари во Македонија, но го повлече од програмата

Фото: БНТ/принтскрин

Документарниот филм „Само затоа што беа Бугари“, во кој се пренесуваат сведоштва за убиства на Бугари во Македонија кон крајот на Втората светска војна, беше најавен на програмата на Бугарската национална телевизија (БНТ) за во ударен термин вечерва, но доцна попладнето тој беше симнат од програмската шема и заменет со друг филм, пишува „360 степени“.

Најавата за филмот снимен пред 20-ина години, во кој се пренесуваат сведоштва за ликвидации на Бугари во Македонија во текот на јануари 1945 година, била објавена на веб-страницата на телевизијата во текот на денот. Документарецот многупати бил прикажан на бугарската телевизија, а во политичките кругови во Софија најавата за вечерашното прикажување се коментирале со теза дека некој во БНТ очигледно ја саботира посетата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски, па и новиот пристап во решавањето на меѓудржавниот спор, кој сака да го промовира бугарскиот премиер Кирил Петков.

Со темата од документарниот филм е поврзано едно од т.н. пет плус едно прашање – она за бугарското барање за рехабилитација на жртвите на комунизмот. Во денешното интервју за телевизијата БТВ, министерот за надворешни работи Бујар Османи потсетува на Декларацијата што македонското Собрание ја донесе во 2006 година со извинување до семејствата на жртвите на комунизмот и вели дека државата сега е подготвена да ја реафирмира таа декларација, но и да дозволи пристап до архивите, отворање на поединечни случаи, па дури и нивно судско процесуирање, ако тоа го дозволуваат законите.

Во пресрет на утрешната заедничка седница на владите на Бугарија и на Северна Македонија, денеска попладне во Софија пристигна висока македонска делегација предводена од премиерот Ковачевски. Беше организиран дочек со највисоки почести на плоштадот „Александар Невски“, по што двајцата премиери положија венци на Споменикот на незнајниот јунак.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот