ВИДЕО: Студено попладне во Софија, топол и срдечен пречек на премиерот Ковачевски и министрите

Посета на Ковачевски во Софија/ Фото на СП

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска во Софија беше пречекан од бугарскиот премиер Кирил Петков со највисоки државни и воени почести.

Свечената церемонија се одржа попладнево во 16 часот по локално време на централниот плоштад во Софија Александар Невски.

Посета на Ковачевски во Софија / Фото на Слободен печат

Церемонијата започна со марш на бугарските војници од  неколку армиски редови и со интонирањето на Македонската и химната на Р Бугарија.

Двајцата премиери Ковачевски и Петков потоа положија венец покрај вечниот оган и споменикот на незнајниот јунак.

Премиерите положија цвеќе на споменикот на словенските браќа Кирил и Методиј како што тоа го сторија и пред разговорите во Скопје на 18 јануари.

Фото: Аријан Мехмети / Цивилмедија

Премиерите Ковачевски и Петков, во рамките на официјалната посета на делегацијата на Владата на Северна Македонија на Софија, го посетија Македонскиот културно-информативен центар во главниот град на Бугарија за официјално да го означат почетокот на работата на дописништвото на Медиумската информативна агенција на Северна Македонија (МИА), во Софија.

Ова е четврта официјална посета на македонска делегација на Бугарија и втора меѓувладина конференција  која ќе се одржи утре наутро.

Во делегацијата која ја предводи премиерот Ковачевски, се вицепремиерите Артан Груби, Славица Грковска и Фатмир Битиќи, како и министрите Николовски, Нуредини, Костадиновска Стојчевска, Шаќири, Бесими, Османи, Милевски, Бочварски и Алити. Тие утре заедно со своите бугарски колеги ќе копретседаваат со 4 работни групи кои ќе ги решаваат спорните меѓудржавни прашања од областа на економијата, транспорт и инфраструктурата, евроинтеграциите како и културата и образованието.

Пред и по седницата премиерите Ковачевски и Петков ќе дадат изјави, а вечерва предвидена е вечера во вила Бојана како и средби на министрите Бујар Османи и Генчовска во текот на утрешниот ден.

Пред вечерата ќе го посетат и Харвардскиот аудиториум на Софискиот универзитет и ќе се сретна со ректорот, известија од владината прес-служба.

Фото: Аријан Мехмети / Цивилмедија

По утрешната меѓувладина седница и по средбата на  премиерот Ковачевски со бугарскиот претседател Румен Радев, македонско -бугарските односи влегуваат во поинтензивна фаза, без многу конкретни рокови,  иако првично се споменуваше период од најмалку шест месеци за да можат односите меѓу двете соседни земји да се вратат на вистинскиот колосек, и да се движат кон конструктивен дијалог, соработка и меѓусебно разбирање до конечното откочување на евроинтегративниот процес на Р Северна Македонија кој беше блокиран токму од соседна Бугарија.

Министрите и вицепремиерите кои утре на заедничка маса ќе ги решаваат економските, транспортните, инфраструктурните, интеграциските и културните прашања понатаму почесто ќе се среќаваат, зошто решавањето на отворените соседски прашања и пронаоѓањето компромисни решенија како и градењето на добрососедски и пријателски односи меѓу двете држави и народи будно го следат и поддржуваат Европската унија и САД и е во интерес на двете земји.

Историските прашања кои се камен на сопнување во македонско -бугарските односи ќе продолжи да ги решава Мешовитата комисија за историски и образовни прашања.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот