Британските научници креираат апарат за следење на ракот на дојката – ќе може да се смести во градник

Фото: Профимедиа

Научниците од Универзитетот Нотингем Трент развиваат иновативен уред за следење на растот на туморот на дојките, а кој би можел да се стави во градникот на жената.

Тие се надеваат дека ќе создадат неинвазивен метод за откривање на растењето на туморот, кој пациентките ќе можат да го користат „во удобноста на своите домови“, пишува „Гардијан“.

Апаратот, кој се развива на установата за медицински технолошки иновации при Универзитетот Нотингем Трент, ќе користи електрична енергија за скенирање и откривање на мали промени во течноста внатре и надвор од клетките во градите.

Со оглед на тоа дека канцерогеното ткиво е погусто од здравото и содржи помалку вода, уредот ќе може да ги измери промените во туморот и растот во реално време за големини и до 2 милиметри.

Научниците веруваат дека тој би можел да се користи како влошка во градниците на пациентките или да се направи градник кој ќе го содржи. Тој ќе ги снима податоците и ќе ги праќа до корисникот и нејзиниот медицински тим преку паметен телефон, а тим од научници работи на тоа овој уред да го вклучи во клинички испитувања веќе во следните неколку години.

– Технологијата ќе ги мери промените во ткивото на дојката и со тоа ќе ги зголеми шансите на пациентките за преживување – рекла д-р Јанг Веи, научник и експертка за електронски влакна и електронско инженерство.

– Туморот на дојките може брзо да расте. Може да биде со големина од 1 милиметар за шест месеци и 2 милиметри на шест недели. Ова би била дополнителна мерка за да се утврди колку брзо расте туморот – рекла д-р Веи, додавајќи дека тие работат на отворањето можности за истражување за алтернативно откривање на ракот на дојка.

Ова може да се направи во удобноста на домот на пациентката, на тој начин ќе се зачуваат болничките ресурси, а истовремено се обезбедува одржливо решение за рано откривање на знаците на ракот.

Според податоците на испитување на карцимот, во Велика Британија секоја година се откриваат повеќе од 55.000 нови случаи на рак на дојка и има повеќе од 11.000 смртни случаи. Од новите случаи, околу 23 отсто може да се спречат.

Научниците се надеваат дека апаратот ќе може да го унапреди процесот на следењето на туморите, што може да биде тешко да се направи прецизно, особено во случај на оние тумори кои се помали од 1 сантиметар. Снимањето со магнетна резонанца може да се прави во интервали од неколку месеци, а туморот може значително да порасне помеѓу посетите во болница.

Д-р Сајмон Винсент, директор за истражување, поддршка и влијание во фондот „Рак на дојка сега“, проценил дека итно е потребно истражување за подобро откривање и лекување на ракот на дојка.

– Иако оваа нова технологија може да понуди нов начин за следење на растот на туморите на ракот на дојка и се радуваме што конечно ќе ги видиме резултатите, апаратот сè уште не е тестиран на луѓе и потребно е уште многу повеќе да разбереме пред да можеме да го разгледаме неговото користење во медицинските установи или не – рекол тој, пренесува „Гардијан“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот