Британската актерка Џулија Ормонд го тужи Харви Вајнстин за сексуален напад

Фото: EPA

Британската актерка Џулија Ормонд, која глумеше во познати холивудски филмови во деведесеттите години, заедно со големи имиња како Бред Пит и Харисон Форд, поднесе тужба против филмскиот продуцент Харви Вајнстин, тврдејќи дека тој сексуално ја нападнал во 1995 година, а потоа ѝ наштетил и на нејзината кариера, пренесува „Асошиејтед прес“.

Актерката поднела тужба во државниот Врховен суд во Менхетен, според законот усвоен минатата година во САД, којшто им овозможува на луѓето кои тврдат дека биле жртви на сексуален напад во минатото да поднесат тужба.

Џулија Ормонд во 2006 година / Фото: EPA/ARMANDO ARORIZO

Таа во својата тужба тврди дека била ѕвезда во подем кога го запознала Вајнстин во 1994 година. Ормонд соопшти дека била во контакт со него за да разговара за сценарија и проекти, а во 1995 година потпишала продукциски договор со „Мирамакс“, чиј копретседател бил Вајнстин.

Актерката го обвини дека сексуално ја нападнал во декември 1995 година, по деловен состанок, а потоа ја демнел и негативно влијаел на нејзината кариера кога се соочила со него неколку недели подоцна.

Џулија Ормонд во 2010 година / Фото: EPA/PAUL BUCK

Таа тврди дека им споделила на нејзините американски агенти во тоа време, од агенцијата „Creative Artists“, што се случило, но не добила поддршка и била советувана да не презема правни или други мерки. Ормонд ги обвини компаниите „Волт Дизни“ и „Мирамакс“, а и нејзините поранешни американски агенти, дека знаеле дека Вајнстин е опасност за жените, но не направиле ништо во врска со тоа.

Според тужбата, „ниту една од тие истакнати компании не ја предупредила Ормонд дека Вајнстин имал историја на напаѓање жени бидејќи бил премногу важен, премногу моќен и им заработувал премногу пари“.

Харви Вајнстин / Фото: EPA-EFE/PETER FOLEY / POOL

Со тужбата, Ормонд за прв пат јавно го обвини Вајнстин за сексуален напад.

Како потсетување, 72-годишниот Вајнстин беше осуден за силување и сексуален напад во Њујорк во 2020 година и отслужува затворска казна во таа држава. Минатата година тој беше осуден за уште едно силување во Лос Анџелес. Тој ги обжали двете пресуди.

Неговиот адвокат Имран Ансари вели дека неговиот клиент „категорично ги отфрла сите наводи на Џулија Ормонд и е подготвен енергично да се брани себеси“.

Судот одлучи: Жртвите на Вајнстин ќе добијат 17 милиони долари отштета

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот