Бред Пит: Рускиот тајкун ми се закануваше поради Анџелина Џоли и винаријата вредна 350 милиони долари

џоли пит миравал
Фото: EPA/DANIEL DEME / SEBASTIEN NOGIER

Во моментов, американскиот актер Бред Пит (60) води правна битка против рускиот тајкун Јури Шефлер (56), за контрола врз винаријата Шато Миравал, што ја поседуваше со поранешната сопруга Анџелина Џоли (48). Таа го продаде својот удел во винаријата на Шефлер за 64 милиони долари преку нејзината инвестициска компанија „Нувел“ во 2021 година, а Пит сега се обидува да го поништи тоа.

Во новите судски документи, Пит тврди дека, откако „тајно“ ја купил „Нувел“, Шефлер објавил соопштение за медиумите во кое го објавил нивното „партнерство“, а потоа побарал да се сретнат за да разговараат. Пит истакнува дека „на крај му се заканувале“ доколку не се согласи на соработка.

„Шефлер лично презеде чекори за продолжување на неговото наводно партнерство со Пит по затворањето на трансакцијата, пишувајќи му на Пит постојано за да го натера да се согласи“, се вели во правните документи до кои дојде американскиот „Сан“.

„Откако ја купи ‘Нувел’, Шефлер предложи средба меѓу него и Пит за да ‘дискутираат за нештата кои следат’“, се вели во документите, додавајќи дека на моменти Шефлер изразувал желба да работи со Пит, а потоа му се заканувал врз основа на измислени тврдења дека Пит лошо управува со винаријата.

Вина од винаријата Шато Миравал / Фото: EPA/SEBASTIEN NOGIER

Овие тврдења беа изнесени во документи од адвокатите на Пит претходно овој месец во Врховниот суд во Лос Анџелес.

Пит ја тужеше Џоли во февруари 2022 година поради продажбата на „Нувел“ и неговиот удел од 50 отсто во Шато Миравал, деловна групација контролирана од Шефлер. Во септември истата година, „Нувел“ го тужеше Пит и бара отштета од 350 милиони долари.

Адвокатскиот тим на Пит тврди дека Шефлер, чија деловна империја го вклучува брендот на вотка „Столичнаја“, очајно сакал да заработи преку „славната личност од Холивуд“. Новите судски документи тврдат дека бизнисменот сакал „да навлезе во партнерство со Пит и Џоли, две познати личности кои живеат во Калифорнија, за да профитира од славата на Пит“.

Весникот, исто така, наведе пример на кореспонденција која Шефлер му ја испратил на Пит на 11 декември 2021 година.

„Тој се извини што го ‘изненади Пит со влегувањето во неговата империја Миравал’ и побара од Пит да му верува и да се потпре на него како негов нов ‘партнер’, но додаде дека ако Пит не подлегне на желбите на Шефлер, тој ‘ќе го заштити својот интерес и нема да се двоуми да го спроведе процесот до самиот крај’“.

„Тој ја исполни таа закана. По трансакцијата, Шефлер ја искористи ‘Нувел’, калифорниската компанија што сега ја контролира, за да го тужи Пит и да се обиде непријателски да го преземе Шато Миравал“.

џоли пит миравал
Фото: EPA/MAXPPP/SOPHIE DONSEY FRANCE OUT — BELGIUM OUT

Шефлер тврди дека судот во Калифорнија не е надлежен да одржи судење за ова прашање.

Неговиот правен тим претходно го опиша Пит како „актер, а не винар“ и додаде дека „се занимава со илузии, а не со грозје“. Во меѓувреме, европскиот суд неодамна, наводно, му доделил делумна победа на Пит кога му одзел 10 отсто од акциите на Шефлер, со што Пит повторно станал мнозински акционер.

Да потсетиме, Пит и Џоли го купија имотот од 1.300 хектари во Прованса, јужна Франција, во 2008 година за 28,4 милиони долари и се венчаа таму во 2014 година. Лозјето беше многу профитабилно, па дури и произведе наградувано розе.

Поранешната холивудска двојка, која има шест деца заедно, се раздели во 2016 година, но нивниот развод сѐ уште не е финализиран. Се верува дека конечното решение би можело да биде блиску откако парот минатата недела поднесе финансиски документи до судот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот