Бразилскиот претседател: Трамп нема право да стане наутро и да ѝ се заканува на некоја држава
Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва упати остра критика кон американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека светските лидери треба да бараат почит, наместо да владеат преку страв, пренесува Ројтерс.
Препорачано
„Трамп нема право да се разбуди наутро и да ѝ се заканува на некоја држава“ изјави Лула, осврнувајќи се на јавната закана на претседателот од 7 април да ја уништи иранската цивилизација како дел од американско-израелската војна против Иран.
„Тој не е избран за тоа, и неговиот Устав не го дозволува тоа“, смета Лула.
Лула, кој треба да се сретне со уште еден левичарски критичар на Трамп, шпанскиот премиер Педро Санчез, во петок во Барселона, го нарече пристапот на американскиот претседател кон надворешната политика „многу погрешна игра“, водена од претпоставката дека воената и економската моќ на Вашингтон му дозволува да ги поставува правилата.
„Никој нема право да ги плаши другите. Од суштинско значење е моќните да преземат поголема одговорност за одржување на мирот“, рече Лула.
Бразилскиот претседател се опиша себеси како лидер кој претпочита почит наместо страв.
Тој исто така повика на слободни избори во Венецуела без мешање од Вашингтон, по изненадувачката акција на 3 јануари, кога американски специјални сили го заробија венецуелскиот претседател Николас Мадуро во Каракас.
„Она што не смее да се случи е САД да мислат дека можат да ја водат Венецуела. Тоа не е нормално, нема место во една демократија“, посочи Лула.
ВИДЕО | Трамп: Moжам да бидам претседател на Венецуела, само да го совладам шпанскиот
Лула често се судираше со Трамп во изминатата деценија. Неговиот главен ривал на последните избори, крајно десничарскиот поранешен претседател Болсонаро, кој сега издржува 27-годишна затворска казна за заговор за останување на власт преку државен удар, беше близок сојузник и поддржувач на Трамп.
Лула, кој има 80 години, се осврна и на возраста на двајцата лидери, потсетувајќи дека повикал на воздржаност кога Трамп (79) вовел високи царини за Бразил и санкции против судиите што го водеа случајот против Болсонаро.
Санкциите подоцна биле укинати, а царините намалени.
„Две држави управувани од двајца господа во осумдесеттите години треба да разговараат со голема зрелост“, изјави Лула.


