Борис Џонсон во (нова) Брегзит борба

Борис Џонсон / Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Британскиот премиер Борис Џонсон презема чекори за менување на протоколот за Северна Ирска, во моменти кога Брисел му се заканува со правна постапка

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон сè уште се соочува со проблеми околу договорот за Брегзит, а една од главните пречки е токму Северна Ирска. Обединетото Кралство објави план со кој некои точки од тој договор со Европската Унија ќе се прескокнат. Претходно, во макотрпен договор со Европската Унија, беа воведени санитарни и царински проверки на стоките што се движат од Британија во Северна Ирска. Сега, британската влада бара начини како да ја олесни таа трговија, променувајќи го протоколот за Северна Ирска од 2019 година.

Но, по ваквата одлука, Велика Британија наиде на сериозни закани од Европската Унија.

„Со значителна загриженост ја забележавме одлуката на владата на Обединетото Кралство да го воведе нацрт-законот за промена на протоколот на Северна Ирска“, рече заменик-претседателот на Европската комисија Марош Шефчовиќ за новинарите во Брисел.

Марош Шефчовиќ/ Фото Hollie Adams / PA Images / Profimedia

Британскиот премиер Борис Џонсон се соочува со сериозни закани дека неговата земја би ги прекршила меѓународните договори доколку британската Влада го искористи новиот закон.

Но, Џонсон, ранет од „домашната драма“ и сè поголемиот песимизам околу неговата способност да ја води Конзервативната партија, притиска за исполнување на промените во протоколот за Северна Ирска, што поттикна незадоволство кај Европската Комисија.

Брисел се очекува деновиве да даде детален одговор, иако веднаш предупреди на правна постапка и го потсети Лондон дека нејзиниот трговски однос со блокот зависи од довербата.

Противниците на Борис Џонсон веднаш ги поврзаа британските проблеми со ЕУ со маките на премиерот во внатрешната политика, додека пак политичарите од Лондон и Белфаст кои тој сака да ги стави на негова страна засега молчат. Вашингтон пак, го повика Лондон да ги продолжи преговорите со ЕУ со „добра надеж“.

Северна Ирска/ Фото EPA-EFE/LIAM MCBURNEY

„Ништо страшно“

Џонсон се надева дека неговиот план за еднострана акција – содржан во Предлог-законот за протоколот за Северна Ирска, претставен во Долниот дом – ќе ги отклучи разговорите со ЕУ и ќе ја убеди Европската комисија да направи отстапки надвор од оние што ги предложи во октомври. Тој се надева дека ќе отвори нов прозорец за нови идеи пред предлог-законот да биде усвоен.

„Ова е разумно, практично решение за проблемите со кои се соочува Северна Ирска“, рече британската Министерка за надворешни работи Лиз Трас. „Тоа ќе го заштити единствениот пазар на ЕУ и ќе обезбеди да нема цврста граница на островот. Подготвени сме тоа да го испорачаме преку разговори со ЕУ. Но, можеме да постигнеме напредок само преку преговори ако ЕУ е подготвена да го промени самиот протокол, но во моментот тие не се“.

Лиз Трас/ Фото EPA-EFE/MILAN JAROS

Британскиот премиер за предлогот изјави дека тоа е „ништо страшно“, објаснувајќи дека планот е начин да се тргнат „бирократските бариери“ за кои Велика Британија верува дека само ја потпалува политичката тензија во преговорите за Северна Ирска.

Игнорирајќи ги заканите од Брисел и Даблин, Џонсон продолжува да го форсира својот план.

Премиерот на Ирска, Мајкл Мартин изјави дека е премногу „жално“ за една држава како Велика Британија да се откаже од еден битен меѓународен договор.

„Мислам дека тоа претставува нова ниска точка бидејќи природното очекување на демократските земји како нас, Обединетото Кралство и цела Европа е да ги почитуваме меѓународните договори што ги склучуваме“, рече Мартин на прес-конференција во Корк.

Мајкл Мартин/ Фото EPA-EFE/OLIVIER HOSLET / POOL

 

Следни чекори

Европската комисија засега не ја прифати поканата на Лондон за продолжување на политичките разговори, но потврди дека сега ќе размисли за одмрзнување на постапките за прекршување против Велика Британија поради претходните протоколарни спорови.

Во она што се смета како прикриена закана од страна на блокот во спорот со Лондон, потпретседателот на извршната власт на ЕУ и нејзиниот поентер за Брегзит, Марош Шефчовиќ, истакна дека Договорот за повлекување меѓу Европската унија и Велика Британија „беше предуслов за преговори за Договорот за трговија и соработка“, пактот што ја регулира трговијата по Брегзит меѓу Обединетото Кралство и ЕУ.

„Едностраната акција е штетна за меѓусебната доверба“, предупреди тој.

Предупредување од Берлин

Големи критики кон политиките на Обединетото Кралство дојдоа и од Берлин. Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека „нема причина за волку тешка одлука на британската влада“.

И тој вети: „ЕУ на ова ќе реагира на еден унифициран начин. Ние имаме еден куп алатки на располагање“.

Средба Џонсон – Шолц/ Фото EPA-EFE/NEIL HALL / POOL

Од Лондон пак, не се очекува да воведе какви било промени во политиките пред предлог-законот да биде усвоен, а законодавната процедура низ парламентот се очекува да трае долго, особено во Домот на лордовите, каде што многу членови се противат на владата на премиерот Борис Џонсон.

Доколку нацрт-законот биде усвоен, министрите на Обединетото Кралство ќе треба да одлучат дали и кога ќе користат некоја од новите овластувања, а потоа ќе бидат потребни подзаконски акти со детали за алтернативите за да се случи тоа.

„Трговска војна“

За оваа проблематика коментираше и Првата Министерка на Шкотска, Никола Старџен.

„Со ваквата политика Владата ризикува на тешко повредлива трговска војна со ЕУ“ изјави Старџен.

Никола Старџен / EPA-EFE/ Finn Hall / Scottish Parliament

Министерот за надворешни работи на Северна Иркса, Сајмон Ковени, вели дека предлогот на британската Влада ги отежнил преговорите со неговата земја.

„Тоа што го вели Велика Британија, не само на Ирска, туку и на ЕУ и поширокиот свет, е дајте ни го тоа што го сакаме, или ќе го прекршиме меѓународното право за да дојдеме до нашето“ изјави тој за Би-Би-Си.

Сајмон Ковени/ Фото Rebecca Black / PA Images / Profimedia

Велика Британија јасно ги постави своите барања, а сега сите очи се вперени кон Брисел и нивниот одговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот