Борел возврати на критиките по посетата на Москва: Полесно ќе беше да седам во канцеларија и да пишувам соопштенија

Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET / POOL

Високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жосеп Борел попладнево се соочи со гневот на европратениците поради неговата посета на Москва во минатата недела. Тој прифати дел од забелешките, но смета дека одлуката за посета на Русија останува оправдана, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Борел минатата недела беше во официјална посета на Москва и одржа прес конференција со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој ЕУ ја нарече „културно арогантна” и „отсечена од реалноста”.

За јавноста во ЕУ и за европратениците, Борел со посетата „падна во замката” на Москва во период на протести на стотици опозиционери против режимот на Путин, а Алексеј Навални лежи во затвор откако беше жртва на обид на труење со хемиски агенс.

Борел не го посети Навални во затвор, а за време на прес-конференцијата ја поздрави руската вакцина против ковид-19, иако таа сѐ уште не е одобрена од европските здравствени власти.

ЕУ и Борел посрамотени во Москва

Европратениците му забележаа на Борел и дека замина во Москва без поддршка од сите 27 земји членки на ЕУ. Исто така, за време на неговата посета беа протерани и тројца ЕУ дипломати од Русија.

Но, Борел порача дека критиките што му ги упатија пратениците попладнево не соодветствуваат со реалноста.

– Работите не се одвија така. Два пати му кажав на Лавров зошто сум таму, дека се противиме на судските одлуки против Навални и нападот врз него, како и врз демонстрациите на граѓанското општество. Како можете да кажете дека не го покренав прашањето за Навални и дека не ги одбранив демонстрациите? – Има транскрипција од посетата, ве молам да ја прочитате, одговори шефот на ЕУ дипломатијата.

Неколку пратеници од групата на Демохристијаните и на Конзервативците во Европарламентот бараат оставка од Борел во писмо кое се подготвуваат да го испратат од Европската Комисија, но претседателката на институцијата стои зад нејзиниот прв дипломат, потврдија повеќе пати од нејзиниот кабинет.

Борел, исто така, нагласи дека не разбира зошто тој не смее да патува во Москва кога во последните месеци се остварени деветнаесет средби на министерско ниво помеѓу земји членки на ЕУ и Русија.

– Полесно ќе беше да седам во канцеларија и да пишувам соопштенија. Мојот став е различен, со оглед на тоа дека имав поддршка од мнозинството земји во Советот на ЕУ, сметам дека треба јасно да ја пренесеме нашата позиција, се бранеше шефот на дипломатијата.

Што се однесува до критиките за прес-конференцијата на која Лавров искористи навредливи термини за ЕУ земјите, Борел порача дека прес-конференција „не е место за дебата” и дека и таму ги пренел пораките на ЕУ.

Првиот дипломат на ЕУ смета дека е корисно што бил физички присутен во Русија да ја пренесе пораката „и покрај пропустите”.

– Отидов таму да ги пренесам осудите од ЕУ. Сметаме дека пресудата за Навални е неоправдана, но за соработка потребни се двете страни. Ако Русија не сака да соработува, ќе го нотираме тоа и ќе најдеме друг начин да ги постигнеме нашите цели, рече Борел.

Тој призна дека „можеше да биде подобро”, но дека сега „имаме подобра идеја со што се соочуваме и што да очекуваме, сега треба Советот, Парламентот и Комисијата мирно и јасно да анализира кои ќе бидат следните чекори кон Русија”.

Европарламентарците пред две седмици побараа и построги санкции кон Русија, а министрите за надворешни работи ќе се сретнат овој месец, средба која несомнено во огромен дел ќе биде посветена на оваа тема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот