ЕУ и Борел посрамотени во Москва

Односите меѓу Русија и ЕУ по минатонеделните случувања паднаа на најниско ниво. Откако Борел беше посрамотен во Москва, нови санкции се неизбежни. Со нив односите одат кон дното, коментира Кристијан Трипе.

Обидот да се вратат во нормала односите на ЕУ со Руската федерација засега можат да се сметаат за траен неуспех. Резултатите од разговорите на претставникот на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го покажаа токму тоа.

 Претставникот на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров /  Фото: ЕПА-ЕФЕ

Конференцијата за печат на двајцата дипломати се претвори во лекција за дрскост и неуспех. Борел делуваше како учениче, турнат в ќош, лошо подготвен, додека Лавров, веќе познат по тоа што ништо не им подарува на своите преговарачки партнери, овојпат дури и на Борел му го одзема политичкото достоинство: ЕУ е „недоверлива“.

Сергеј Лавров / Фото: EPA-EFE/RUSSIAN FOREIGN AFFAIRS MINISTRY HANDOUT

Членките на ЕУ како Германија и Франција се однесуваат „арогантно“ кон Русија и одбиваат да споделат важни информации за разјаснување на случајот Навални, додека во Шпанија постојат политички мотивирани судски пресуди против каталонските сепаратисти.

Ова се само дел од обвинувањата и лагите кои Лавров му ги фрли в лице на Борел. Борел, пак, од друга страна, одговори со молчење. Таму каде што, евентуално, само контролираниот излив на бес можеше да го запре бесот на Лавров, Борел се обиде да одговори со љубезност.

Патот на Борел во пеколот

Додека тие двајца ја изведуваа оваа тажна театарска претстава на отворената сцена на конференцијата за печат, руското МНР, на чело со Лавров, го доврши нападот. Тројца дипломати од земјите на ЕУ беа протерани од Русија бидејќи наводно учествувале во протестите против затворањето и осудата на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални. Трите погодени држави- Германија, Полска и Шведска- ги отфрлаат таквите обвинувања, додека Борел својот протест го упати по писмен пат.

Жосеп Борел / Фото:  EPA-EFE/RUSSIAN FOREIGN AFFAIRS MINISTRY HANDOUT

Уште во петокот се знаеше дека мисијата на Борел не успеа. Но, главниот дипломат на ЕУ имаше уште неколку часа во Москва за да стори нешто. Било што. Можеше да се состане со претставниците на Навални или да се обиде да ја коригира ситуацијата со јавен настап во Москва. Дури и ненадејно заминување ќе беше некаков сигнал.

Дури и пред патот во пеколот, многумина се прашуваа која е логиката на тоа патување и дали пресудата против Навални не беше доволна причина за откажување на посетата? Загрижените набљудувачи потсетуваа дека Кремљ има подобра преговарачка позиција, а дека Борел воопшто нема никаква и дека поради тоа постојат шанси за неуспех.

Претставникот на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров / Фото: EPA-EFE/RUSSIAN FOREIGN AFFAIRS MINISTRY HANDOUT 

За жал, сето тоа се покажа точно. ЕУ сега се соочува со можеби најголемиот неуспех во својата, се’ уште млада, историја на дипломатијата.

Натамошните санкции се неизбежни

Тоа не може и нема да остане без последици, доколку ЕУ за неколку недели сака темелно да ја разгледа својата стратегија кон Русија. Во секој случај, Кремљ очигледно не сака никакви односи со ЕУ, а ЕУ ќе мора да се ограничи на она што е неспорно и што обете страни го сакаат: трговија, снабдување со енергија, контрола на пандемијата, контакти меѓу организациите на цивилното општество. Тоа не е занемарливо, но е секако далеку помалку од она што е можно.

Москва ја одби испружената рака на Борел. Некои влади во ЕУ досега пружаа отпор кога се разговараше за воведување нови санкции поради неправдата кон Навални. Сега, кога Борел се врати од Москва со празни раце и извалкан образ, натамошните санкции се неизбежни. Дното е се’ поблиску.

Преземно од Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот