Болтон обвинет за доверливи документи, тврди дека Трамп му се одмаздува
Поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон вчера беше обвинет за нелегално складирање и пренесување на класифицирани документи.
Препорачано
Истрагата против Болтон, кој беше на таа функција повеќе од една година за време на првиот мандат на Трамп пред да биде отпуштен во 2019 година, стана јавно позната во август кога ФБИ изврши претрес во неговиот дом во Мериленд и канцеларијата во Вашингтон за класифицирани документи што можеби ги задржал по години владина служба.
Болтон стана гласен критичар на Трамп откако ја напушти Белата куќа.
Истрагата против него започна за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден и долго пред вториот мандат на Трамп, но сега ќе се одвива во контекст на пошироки загрижености дека Министерството за правда на Трамп се користи како оружје за гонење на неговите политички противници.
Болтон: Ова е одмазда на Трамп
Од друга страна, Болтон се изјасни за невин по обвиненијата за неовластено откривање на класифицирани информации, вклучително и информации „Строго доверливо“, и нелегално задржување документи од неговиот дом.
Во изјава, Болтон го нарече обвинението „политички мотивирано“ и дел од кампањата за „одмазда“ на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ен-би-си Њуз.
„Одмаздата на Доналд Трамп против мене започна за време на неговата прва администрација, продолжи кога се обиде да го блокира објавувањето на мојата книга и кулминираше со овие обвиненија“, рече Болтон.
Тој тврди дека станал најновата цел на „вооружувањето“ на Министерството за правда против политичките противници на Трамп.
Неговата адвокатка, Аби Лоуел, рече дека Болтон не го прекршил законот и дека обвиненијата се потпираат на стари, познати информации.
„ФБИ знае за овие записи од 2021 година. Тие се извадоци од лични дневници, некласифицирани и споделени само со членови на семејството“, рече тој.
Во обвинението се тврди дека Болтон споделил повеќе од илјада страници дневници за неговите активности додека работел во администрацијата на Трамп, вклучувајќи и класифицирани информации за националната одбрана, со две лица – означени како „Лице 1“ и „Лице 2“, кои се негови роднини и немале безбедносни дозволи.
Тој е обвинет и за чување класифицирани документи во својот дом во округот Монтгомери, Мериленд.
Двајца високи федерални извори потврдија за Ен-би-си Њуз дека Болтон ќе се предаде на американските маршали во петок наутро, а потоа ќе се појави пред федералниот судија Теодор Д. Чуанг подоцна истиот ден.
Доколку биде осуден, 76-годишниот Болтон се соочува со максимална казна од 10 години затвор за секое обвинение.
Сепак, Министерството за правда вели дека вистинската казна ќе биде значително помала и во согласност со федералните упатства. ФБИ изврши рација во домот и канцеларијата на Болтон во август.
Американскиот претседател Доналд Трамп проговори за случајот, велејќи дека не бил свесен за тоа, но дека мисли дека Болтон е „лош човек“.
„Мислам дека е лош човек“, рече Трамп.


