ВИДЕО: Бојкотирачите ќе влезат во пописната статистика, а против нив ќе бидат покренати постапки, вели Симовски

Директорот на ДЗС Апостол Симовски / фото:360 степени/принтскрин

Граѓаните кои одбиле да се попишат сепак ќе влезат во пописната операција со споредба на останатите бази на податоци од државата. Но, за овие лица нема да бидат одговорени сет од прашања што вклучуваат етничка и верска припадност, како и мајчин јазик, изјави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во вечерашното гостување во „360 степени“ на ТВ Алсат.

Тој не ја откри бројката на бојкотирачи на пописот, но рече оти таа е минимална и дека против нив ќе се покренат постапки.

Во моментов не можам да кажам точна бројка на оние кои одбија да се попишат, бидејќи треба да ги собереме сите податоци од колегите од терен. Меѓутоа, тој број е минимален. Имаше доста обиди на почетокот, но со сите тие луѓе одевме, разговаравме повеќепати и најголемиот дел од тие домаќинства и граѓани одлучија да се попишат, вели Симовски.

„Во секој таков случај направен е записник односно изјава од страна на попишувачот и во сите тие случаи ќе покренеме постапка“, рече Симовски.

Тој објасни и дека и за оние граѓани што одбиле да се попишат, со вкрстувањето на останатите бази ќе се покажат основните податоци и тие ќе влезат во конечната статистика.

„Овој попис за првпат е спроведен со комбиниран метод на попишување, а тоа значи попишување на терен, но и користење на податоци од базите што ги подготвивме за оваа намена. тоа се седум бази на податоци кои се споени во една и во која со голема точност да констатираме дека одредени лица се тука присутни и треба да бидат дел од оваа операција. На пример, ако едно лице е вработено го има во базата на Агенцијата за вработување, Управата за јавни приходи, но и во Фондот за пензиско осигурување и ако тоа лице редовно секој месец уплаќа даноци и придонеси и стои дека е тука вработено нема сомнение дека е присутно. Можеби од повеќе причини не било попишано или пак одбило да биде попишано, но за такво лице ние имаме огромен фонд на податоци“, додаде директорот на ДЗС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот