Бог се јави, но и сер Кастриот се јави?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Туку, да не мислиме негативно, зашто е можно сер Кастриот да е пратеник на Алах, па да згрешиме и ние да бидеме виновни?!

Има Господ, ама и нема?! Ако го има – зошто го нема, кога навистина треба да го има?! Тој е тој семожник што пали и гаси, што некого сака да го спаси и животот да ни го украси?! Но, од каде сега вакви размислувања, двоумења и неверувања?! Оттаму што никој не го видел Господ, освен Јован Крстител кога го крштевал во реката Јордан на Богојавление?! Затоа се верува дека Тој може да се појави, да слезе од небото и да ни ги реши проблемите?! Така останало мислењето и верувањето дека Господ единствено на Водици може да се појави, а за да го видат некои среќници меѓу себе се поздравуваат со поздравот „Бог се јави – навистина се јави“, а многумина тврдат дека не го виделе, но го слушнале?!

Додуша, чудно е од каде доаѓа двоумењето за тврдењето и за негирањето на Бога. Тоа доаѓа оттаму што неодамна Господ дозволи еден пратеник да му ги помати водите на Јордан, дури и Вардар да не може да се избистри?! Тој требаше да ја спасува Владата на (North) Македонија, а не Кастриот, за вистински да ја врати довербата кај народот?! Туку, да не мислиме негативно, зашто е можно сер Кастриот да е пратеник на Алах, па да згрешиме и ние да бидеме виновни?! Во овој случај се менуваат работите, зашто во прашање е највисоко прашање што вклучува голема одговорност за релаксација на меѓуетничките односи и за целосна имплементација (зар уште) на Охридскиот договор?! Згора на тоа, може да се изгуби евроатланската ориентација, па да претрпи измени Преспанскиот договор и да ни се расипе братството со Бугарите?! На крајот ќе мораме и јазикот да си го дадеме и коренот да си го продадеме?!

За волја на вистината, Кастриот се јави и ги порекна сите тврдења дека е киднапиран и скришно изолиран?! Но, да ја оставиме процедурата за трагањето, скривањето и пронаоѓањето на пратеникот кого сите во Собранието со душа го чекаа за да ја дознаат причината за мачнината?!

И, така, кога сите мислеа дека е се готово и Владата ќе падне, всушност ништо не стана и не падна. Со дадена оставка, на нозе остана премиерот и неговите најблиски соработници и советници. Остана излажан и народот кој веќе се предомислува дали некогаш ќе излезе на избори и, ако излезе, за кого ќе излезе?! Но, сега никој не размислува за изборите, туку за понудите на промоторите и прематарите?!

Ова ни се случува со години и не е сега видено сценарио?! Историјата најдобро го потврдува, а најречито го кажува Конески во својата „Преживување“: „Какви порази сме морале да издржиме, какви срамови, какви поруги. Боже, умот дури ми се свртува! Ни помагало нешто, нѐ крепело нешто, некаква смешка, некаква површност – и по сето тоа во нас некаква надеж, некаква желба, некаква скриена смисла безрасудно пак изртува!“ Да се надеваме дека еднаш за секогаш ќе престанат овие ујдурми?! Верувам дека и Господ ќе ни помогне! „Бог се јави, навистина се јави!“ Но, и „сер Кастриот се јави“?! Нека двајцата ни се напомош?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот