Битолчанец во државен карантин: Малку за карантинот и за сите вас кои „Не сте против луѓето, ама оти баш во Епинал?“

Битолчанецот Горан Пинза и други нашинци се вратиле со ист лет во Македонија, а сега заедно „делат“ и државен карантин. Горан за „Слободен печат“ открива дека има еден цимер и дека сите се сместени во двокреветни соби, во еден од хотелите кои се пријавиле на повикот од Владата. На прашањето дали меѓу нив има некој заразен со коронавирусот или има такви симптоми, тој вели дека не би можел да потврди, бидејќи не може да ја напушти собата во која се наоѓа: „Немаме контакт со други лица. Не можеме да знаеме кој како се чувствува. Цимерот има пријатели во другите соби, па комуницираат преку телефон. Во собите имаме на располагање интернет и телевизија, а времето се убива и со книги и социјалните медиуми“.

Споделува дека условите се пристојни, добиваат по три оброци на ден кои се „далеку од одлични“ но додава дека „што е, тука е“. За греењето вели дека е солидно, како и дека имаат топла вода на располагање. Оние кои се пушачи пак, смеат да пушат на прозорите во тоалетите, додава тој.

Прочитајте го неговиот фејсбук-статус:

„Малку за карантинот и за сите вас кои „Не сте против луѓето, ама оти баш во Епинал?“

1. Вака изгледа вообичаен оброк. Се доставува пред врата, приборот е пластичен за еднократна употреба.


2. Средства за дезинфекција,вреќи за ѓубре и слично. Оставени во собите, со цел гостите самостојно да ја одржуваат хигиената во истите.


3. На секој спрат има полиција која стриктно нагласува дека никој не смее да мрдне од соба (во спротивно ќе има ригорозни казни).

Малку упростено… Секој оној кој е во карантин во тие 14 дена ќе нема апсолутно никаков контакт со надворешниот свет…. Ни роднини, ни кувари, ни чистачки, ни дилери во казиното.

Уште малку доупростено за сите „стручни лица“. Многу побрзо ќе се заразите од некој при чекањето ред на 20цм пред банка, маркет, на пазар и слично, отколку од овие кои ве „загрозија и ви го окупираа светиот бастион во срцето на градот“. Ќе се заразите и од оние кои ќе ја кријат болеста од страв и срам од јавната осуда, наместо да се поддржат истите и да знаат дека кој и да заболи треба да добие поддршка и помош… Дај боже никој да не заболи, но тоа не е можно.

П.С. Во единствените 2 хотели во Битола кои исполнуваа условите и се пријавија да сместат повратници (се пишува повратници, а не заболени како што стручно веднаш ги оценивте) има по некој ваш комшија, школски другар, познаник. Фино би било да им однесете по некоја вода, овошје или витамини. Оставете на рецепција,полицијата ќе им ги достави во собите. Гарантирам дека живи ќе излезите од таму, без последици. Себичност, неинформираност, шпекулации… Тоа е полошо и побрзо убива од короната.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот