Битиќи појаснува дека увозот на работници не е долгорочно решение, ама сега итно ни треба

Фатмир Битиќи / СДСМ / 9 ноември 2021 / фото: Драган Митрески / Слободен печат

Вицепремиерот Фатмир Битиќи денеска даде уште една изјава во врска со многу актуелното прашање за потребата од увоз на странски работници во земјава , по неколкуте навидум контрадикторни ставови кои деновиве ги изнесе за ова прашање. Тој денеска, на одговор на новинарско прашање, појасни дека „увозот на работна не може да биде долгорочно решение во ниту една земја, но економијата не може да чека со години на долгорочни решенија, туку ѝ е потребна работна сила веднаш“.

Битиќи рече дека работодавачите, доколку можат, би понудиле повисока плата за да ги привлечат невработените да ги прифатат работните места што се нудат на пазарот на труд.

„Во последните три години платите се повисоки од тие што биле претходно, но во Агенцијата за вработување денеска има 9.628 слободни работни места. Пред само една недела слободни беа 7.500 работни места“, рече Битиќи, додавајќи дека во Агенцијата за вработување се регистрирани 115.000 невработени.

Слободните работни места, според Битиќи, треба да се пополнат од таму, но, за жал, не се пополнуваат.

„Во ниту една земја долгорочно решение не е увоз на работна сила, но економијата не може да чека на долгорочни решенија кои се пет до десет години. Што ќе прави економијата ако пет години не се пополнат овие работни места – тоа ќе значи затворање на компаниите. Овие работни места се отворени затоа што се потребни за компаниите да ја обезбедат примарната дејност за кои се регистрирани“, посочи Битиќи.

Нагласи дека сегашната состојба со работната сила во земјава е „последица на работата на некои функционери кои почнале да работат во 1991 година“.

„Веројатно таму лежи одговорот на тоа што денеска го зборуваме. Не можам да бидам одговорен за однесувањето на некој пред пет, 10, 20 или 30 години“, рече Битиќи.

Битиќи: Многу компании ќе затворат ако не увеземе работна сила

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот