Саграда Фамилија во Барселона / Фото: Jordi Boixareu / Zuma Press / Profimedia

Бисерот на Барселона — папата ќе одржи миса во „Саграда Фамилија“ на 100-годишнината од смртта на Гауди

Кога посетителите стојат пред бисерот на Барселона – „Саграда Фамилија“, нивните очи инстинктивно ги следат надреалните извртени линии на скулптуралните кули на базиликата сè додека не стигнат до врвот на секој шпиц.

А, нивните погледи сега се протегаат повисоко од кога било – повеќе од 144 години по почетокот на изградбата, највисоката црква во светот ја достигна својата конечна висина од околу 172 метри со поставувањето на последниот голем конструктивен елемент – крстот на врвот на централната Кула на Исус Христос, во февруари, пишува Си-ен-ен.

Одложувана поради војни, политички околности и недостиг на финансиски средства, импозантната, но недовршена силуета на „Саграда Фамилија“, со децении доминираше над хоризонтот на Барселона. Сега, долгоочекуваната последна кула конечно е подготвена за свечено отворање.

Во среда, папата Лав 14 (единаесеттиот папа кој владее откако започнала изградбата) ќе предводи свечена миса и церемонијален благослов. Иако остануваат уште години работа на неконструктивните делови, 2026 одамна е означена како година на фактичкото големо отворање.

Инаугурацијата на 18-тата кула се совпаѓа со 100-годишнината од смртта на визионерскиот архитект на црквата, Антони Гадуи.

Саграда Фамилија / Фото: Wikimedia commons

Користејќи материјали како не’рѓосувачки челик и напредни технологии, Кулата на Исус Христос го симболизира компромисот меѓу современото градежништво и почитувањето на историскиот план на Гауди.

Триумф на бојата, занаетчиството и извонредната геометрија, „Саграда Фамилија“ е споменик не само на верата, туку и на восхитот на Гауди кон природата и неговото мајсторство во сложеното инженерство. Нејзиното завршување е сведоштво за напорите на безброј дизајнери и архитекти кои морале да ги дешифрираат плановите за црквата, голем дел од кои биле уништени во 1930-тите години.

Сложеноста на проектот најдобро се отсликува преку неговото последно архитектонско парче. Со својата блескаво бела површина што го рефлектира силното шпанско сонце, крстот што ја крунисува Кулата на Исус Христос (додека другите 17 кули се посветени на 12-те апостоли, четворицата евангелисти и Дева Марија) е висок колку петкатна зграда и тежи околу 100 тони. Неговото поставување било сложен процес што траел со месеци.

Според архитектот Маурисио Кортез, Гауди замислувал рефлектирачки крст што ќе блеска преку ден и ќе го осветлува хоризонтот ноќе.

Од возвишената точка на работилница може да се види не само целиот град, туку и највисоките архитектонски елементи на базиликата. Покривот на централниот кораб е експлозија од бои, со фронтони украсени со живописна керамика. Камбанариите над фасадите на Раѓањето и Страдањето, огромни ѕидови што раскажуваат библиски приказни во богато резбан камен, се крунисани со врвови изработени од мозаици од блескаво венецијанско стакло.

Бидејќи најважните модели на Гауди биле речиси целосно уништени во 1930-тите, сите нови архитектонски решенија претставуваат најдобра можна процена на неговите намери. Секоја компонента на Кулата на Исус Христос била моделирана во 3Д како дел од процес што ги комбинирал геометриските принципи на Гауди со современи дигитални техники на производство.

Крстот на Кулата на Исус Христос / Фото: Jordi Boixareu / Zuma Press / Profimedia

Тоа е поглед што самиот Гауди знаел дека никогаш нема да го види. Кога го презел проектот од архитектот Францес де Паула Виљар, кој се повлекол по несогласувања со инвеститорите, разбрал дека нема да доживее да го види неговото завршување. Каталонскиот архитект доживеал да ја види завршена само првата кула. Но не можел да ги предвиди пречките што ќе го забават проектот по неговата смрт во 1926 година.

Два фактори биле особено штетни за напредокот на градбата – парите и Шпанската граѓанска војна

Десет години по смртта на Гауди, земјата потонала во хаос. Во јули 1936 година, анархисти ја запалиле криптата на црквата и упаднале во работилницата на архитектот, уништувајќи многу од неговите планови и гипсени модели. За среќа, не исчезнало сè.

Голем дел од изгубените информации биле реконструирани од учениците и соработниците на Гауди, кои ги документирале неговите идеи во книги, статии, цртежи и фотографии. Нивната работа обезбедила драгоцени насоки за идните генерации архитекти.

Уште поважно, Гауди им оставил на своите наследници специфична логика на проектирање. Иако понатамошната работа користела модерни технологии, основната архитектонска логика останала непроменета.

Финансирањето било уште еден голем предизвик. Црквата се финансира исклучиво преку донации и, откако официјално беше отворена за јавноста во 2010 година, преку приходите од посетителите.

Ранливоста на овој модел стана очигледна за време на пандемијата на ковид-19, кога туризмот нагло опадна и продажбата на билети драматично се намали. Сепак, оттогаш бројот на посетители силно закрепна.

Иако денес „Саграда Фамилија“ изгледа речиси завршена, таа сè уште не е целосно довршена. Со изградбата на Кулата на Исус Христос (иако внатрешноста се очекува да биде комплетирана до 2028 година), вниманието сега е насочено кон Фасадата на Славата.

Саграда Фамилија / Фото: JOHN KELLERMAN / Alamy / Profimedia

Оваа трета и последна украсена фасада која Гауди ја замислил како главен свечен влез во базиликата. Но нејзината изградба предизвика тензии со жителите што живеат спроти црквата.

Спорот се однесува на предложено монументално скалиште. Бидејќи влезниот трем се наоѓа околу четири метри над нивото на улицата, фондацијата што управува со проектот предлага изградба на големи скали кои ќе ја поврзат базиликата со улицата, дозволувајќи истовремено сообраќајот да поминува под нив.

За тоа би бил потребен значителен простор и можно е да се урнат станбени згради што се наоѓаат непосредно спроти црквата. Поради тоа, многу локални жители и бизниси се против предлогот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот