Саграда Фамилија официјално стана највисока црква на светот
Прочуената базилика Саграда Фамилија во Барселона, стана највисоката црква во светот откако дел од нејзината централна кула беше подигната со кран и вградена на врвот на градбата, соопштија црковните претставници, пренесува Би-би-си.
Препорачано
Делото на архитектот Антони Гауди сега е високо 162,91 метар, надминувајќи ја кулата од 161,53 метри на готската црква Улм Минстер во Германија, пишува „Гардијан“.
Работата на Саграда Фамилија сè уште е во тек – централната кула на Исус Христос ќе достигне висина од 172 метри кога ќе биде завршена во наредните месеци. Првиот дел од кулата беше поставен вчера со кран. Камен-темелникот на базиликата бил поставен во 1882 година, а Гауди, кој починал во 1926 година, не очекувал црквата дека ќе биде завршена во текот на неговиот живот.
Во моментот на неговата смрт, била завршена само една кула. Во изминатите децении, изградбата се забрзала, бидејќи Саграда Фамилија стана едно од најпосетуваните туристички места во светот.
Препознатливиот стил на Гауди, кој ги комбинира католичката симболика и формите инспирирани од природата, привлекува милиони посетители, истакнуваат медиумите. Минатата година, 4,9 милиони луѓе платија билет за обиколка, а собраните пари се користат за финансирање на понатамошни работења на црквата.
Се очекува работата на декоративните детали, скулптурите и скалите што водат до главниот влез на зградата да продолжи во текот на следната деценија.
Следната година се одбележува 100-годишнината од смртта на Гауди, по чиј повод црквата ќе организира серија настани посветени на неговото наследство.


