Бездомниците во Скопје на удар на високите температури, стручни тимови ќе им обезбедат здравствена заштита

Пункт за бездомници во Момин Поток/Фото: Архива на СП

Во согласност со претстојните високи температури како и грижата за здравствената и психофизичката состојба на бездомниците во градот Скопје, во пунктот за бездомници во Момин Поток на располагање ќе биде мобилниот телефон 071/223-972 за дојави на бездомници што се погодени од топлотниот бран.

Високите температури што во летниот период знаат да достигнат и над 40 Целзиусови степени претставуваат сериозна закана за здравјето на населението, а на ризик од добивање на топлотен удар најмногу се изложени луѓето што немаат свој сопствен дом и се принудени жешките летни денови да ги поминуваат под отворено небо.

За жал, бројката на бездомни лица во Скопје е во постојан пораст. Според неофицијални податоци, во моментов изнесува приближно 500 граѓани што спијат под отворено небо.

– Во досегашната теренска стручна работа со оваа целна група не е направено некое посериозно темелно истражување, со кое може да се даде конкретна бројка на сумарна статистика за оваа социопатолошка појава. Не е за занемарување фактот на позитивен тренд на растење на оваа појава, што директно покажува дека сè повеќе и повеќе осиромашува македонскиот граѓанин. Од неофицијални извори се калкулира со бројка од околу 500 бездомници на територијата на градот Скопје – информираат од Црвениот крст на Град Скопје.

Токму поради најавените високи температури што се очекуваат во летниот период, а во обид да им помогнат, тимовите на Црвениот крст на Град Скопје и ова лето ќе се обидат да им пружат помош на оваа ранлива категорија граѓани.

– Во согласност со претстојните високи температури како и грижата за здравствената и психофизичката состојба на бездомниците во градот Скопје, во пунктот за бездомници во Момин Поток на располагање ќе биде мобилниот телефон 071/223-972 за дојави на бездомници што се погодени од топлотниот бран. Мобилните екипи што се достапни и кои ќе функционираат при екстремно високите температури, се составени од лекар и парамедик, кои одблиску ќе им пружаат помош и поддршка на бездомниците со дистрибуирање на вода, мерење на крвен притисок, како и за потешките и интервентни случаи ќе биде обезбеден и транспорт – информираат од Црвениот крст на Град Скопје.

Инаку, Пунктот за бездомници што функционира веќе 14-та година нуди повеќе услуги за лицата што немаат свој дом и има за цел да овозможи тие да ги остварат основните човекови права и да се реинтегрираат во општеството. Истиот е финансиски поддржан од Градот Скопје и повеќе компании и граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот