Бесија Иљази ќе врати 659.831 денар кои незаконски им ги делеше на хонорарците на Токсикологија
Поранешната економска директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, која призна вина за злоупотреба на службената положба и овластување затоа што незаконски ангажирала 17 хонорарци во оваа јавно-здравствена установа, сега со судска одлука е задолжена да ѝ ги врати на Клиниката парите што им ги исплатила на хонорарците.
Препорачано
Универзитетската клиника за токсикологија ја тужеше поранешната економска директорка и бараше материјална и нематеријална штета. Според пресудата во која имаше увид „Слободен печат“, Основниот суд во Тетово досудил дека таа треба да ги врати само парите исплатени за хонорарите по основ на материјална штета во износ од 659.831 денари. Материјалната штета била утврдена со вештачење на вештак економист.
Нематеријална штета Иљази нема да плати, затоа што Клиниката ја повлекла тужбата по овој основ, откако Иљази се согласила да ги плати сите можни трошоци кои произлегле од постапката.
Бесија Иљази беше осудена со признание на вина за „злоупотреба на службена положба и овластување“ на условна осуда со заштитен надзор на казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 4 години не стори ново кривично дело. Освен условната осуда, со судската пресуда таа беше задолжена да биде на „пробациска индивидуална програма“ и план за спроведување на заштитени надзор врз неа.
Таа призна вина, дека постапувајќи спротивно на Изборниот законик, Законот за спречување корупција и Законот за здравствена заштита, во мај 2024 година склучувала договори за дело со лица за нивно работно ангажирање на Клиниката за токсикологија при Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи. На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист.
Целиот скандал се случуваше во предизборен период и предизвика медиумско внимание. Медицинскиот директор на Клиниката во тоа време, доктор Данил Петровски, одбиваше да ги потпише вработувањата на кои инсистираше Иљази, бидејќи беше предизборен период.
За дисфункционалноста на Клиниката за токсикологија во предизборието и за менаџерското фијаско на Иљази, сведочат тогашните прес-конференции на стручниот колегиум на Клиниката, кој се жалеше дека токсиколошката лабораторија беше оставена без лаборанти за сметка на административците кои се примале со договор на дело.
Стручниот колегиум тогаш алармираше дека немаат потреба од 17-те вработувања на дело за кои Иљази подоцна беше осудена, туку дека имаат потреба од кадар за да работи токсиколошката лабораторија. Токсиколошката лабораторија на Клиниката во времето на менаџирањето на Бесија Иљази беше пред затворање и работеше незаконски затоа што немаше вработено биолог и имаше вработено само еден лаборант. Само еден лаборант не може да биде самостоен вршител на дејност бидејќи треба и втор кој ќе ги верификува резултатите за работата да биде законска.
На таков начин, во времето на нејзиното директорување, во прашање беше доведена лабораторијата која одредуваше опијати, метадон, канабис, амфетамини, кокаин, бензодиазепини, бупренорфин, трамадол, алкохол и екстази. И други институции во државата имаат тестови со кои може да се докаже присуство на овие супстанци, ама квалитативно, а токсиколошката лабораторија на Клиниката за токсикологија има единствен апарат со кој се одредува семиквантитативна концентрација на сите овие психоактивни супстанци, а на кој во времето на директорувањето на Иљази немаше биолог за да работи на него. Откако стручниот колегиум едногласно зазел став дека мора да има договор за биологот, Управниот одбор тоа го потврдил. Медицинскиот директор го потпишал договорот за биологот, а организациската директорка Иљази не го потпишала.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат на 30 април 2024 година направи контрола на Клиниката за токсикологија и констатираше дека 11 здравствени работници и соработници одат на работа без договор, затоа што тој им истекол на крајот на минатата година.
Инспекторатот наложи на овие лица да им се оневозможи пристап во Клиниката, да им се укинат токените за евиденција на работното време, ама економската директорка Бесија Иљази не го потпишала. Како што тогаш алармираа докторите од Клиниката, таа поставила услов – за да го продолжи договорот на биологот неопходен за функционирањето на клучната лабораторија на Клиниката, со него во пакет морало да влезат и 17-те хонорарци од кои Клиниката немаше потреба.
Иљази беше критикувана и од Здружението на новинарите откако на огласната табла на Клиниката за токсикологија на 21 мај 2024 година објави наредба со која на вработените им забрани да припарат до новинарите кои известуваа за незаконитостите и проблемите на Клиниката. Ваквата наредба, како што реагираше тогаш ЗНМ, претставува грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот, а јавните здравствени установи и сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес, истакнаа тогаш од ЗНМ.



