Бектеши вели дека е најдено решение за струјата во Арачиново, не открива детали
Министерот за економија Крешник Бектеши информира дека во координација со градоначалникот на општината Арачиново и раководството на ЕВН, е најдено е привремено решение за прашањето за снабдување со електрична енергија на жителите на оваа општина.
Препорачано
„Ова решение е привремено, но, со надеж дека ќе биде долгорочно доколку сите страни го почитуваат договорот и законите во државата. Да вложиме максимални напори да заштедиме струја, да го заштитиме семејниот буџет и да не ја влошиме состојбата со енергетската криза“, напиша министерот Бектеши на својот фејсбук-профил, без да открие за какво решение станува збор.
Околу 80% од корисниците на ЕВН во Арачиново изминатите два дена беа без електрична енергија, откако, според компанијата, се случил голем дефект поради тоа што жителите цело време се приклучуваа на диво и крадат струја. Од ЕВН велат и дека не испраќаат работници да го санираат дефектот, затоа што работниците на компанијата постојано се изложени на вербални и физички напади од селаните. Неколку десетици жители на Арачиново вчера протестираа пред ЕВН, предводени од градоначалникот, Ридван Ибрахими.


