БЕГ остана без лиценцата за топлинска енергија, дејноста ќе ја врши додека не ја добие друг

Марко Бислимоски/ Фото: Слободен печат /Драган Митрески

Јас лично сметам дека компанија која ќе ја врши оваа енергетска дејност треба да биде во државна сопственост, видовме дека Град Скопје не е заинтересиран – вели Бислимоски.

Друштвото за производство на топлинска енергија „Производство на топлина Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје“ повеќе нема лиценца за производство на топлинска енергија, соопшти Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика на денешната прес конференција. Тој рече дека одлуката е донесена откако БЕГ побарал да му престане лиценцата. Но, како што потенцира Бислимоски, скопјани не треба да стравуваат дека ќе останат без греење.

– За денешната одлука согласно Законот за енергетика, ја известивме Владата која сега треба да спроведе постапка за избор на вршител на енергетска јавна дејност – производство на топлинска енергија. Откако ќе биде извршен изборот, РКЕ ќе издаде соодветна лиценца. Се до завршувањето на процедурата БЕГ законски е обврзана да ја врши јавната дејност – производство на топлина, по што обврската ќе ја преземе компанијата што ќе биде избрана во постапката спроведена од Владата. Ова е една од трите лиценци што ги има БЕГ. Поднесени се барања за престанок и на лиценците за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, по што РКЕ ќе донесе соодветни одлуки – изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Како клучни причини во барањето за престанок на важноста на лиценцата БЕГ ги наведува: кредитна неспособност, нарушена ликвидност, правна несигурност во работењето поради многубројни судски постапки иницирани против БЕГ, оспорување на законитоста на лиценцата за регулирано производство на топлинска енергија од правни лица и институции, како и оспорување на валидноста на договорот за закуп на основни средства.

Бислимоски рече дека новата компанија што ќе ја добие лиценцата може да биде државна, или пак под капата на Градот Скопје.

– Јас лично сметам дека компанија во државна сопственост е најдобро решение, видовме дека Град Скопје не е заинтересиран. Така е и секаде во земјите од поранешна Југославија. На пример, во Хрватска таа компаниај е во државна сопственост, во Словенија е Љубљанска топлана, во Србија општините ја вршат оваа дејност, па ги имаме претпријатија Белградски топлани, Новосадски топлани, исто е и со Сараевски топлани – рече Бислимоски.

Тој посочи и дека ние сме единствена земја во Европа која има таков Закон за енергетика кој ја комплицира состојбата, па имаме посебни лиценци за производство, за диструибуција и за снабдување со топлинска енергија, а тоа малку ја зголемува цената на парното греење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот