Баша: Лошото владеење на Рама е главниот виновник за тешката економска криза во земјата

Лулзим Баша, Еди Рама / Фото: Колаж

Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша обвини дека лошото владеење на премиерот Еди Рама е главниот виновник за тешката економска криза во земјата, јави дописничката на МИА од Тирана.

Во објава на Фејсбук, Баша додава дека оваа година 100.000 албански граѓани останале без работа, а 32.000 бизниси ставиле клуч на врата.

Тој ја цитира и Светска банка, според која шест од 10 регистрирани бизниси не остваруваат никаква добивка по укинувањето на мерките воведени поради пандемијата со Ковид-19, „што е предупредување дека ќе има уште затворања на бизниси и губење работни места”.

-Оваа длабока економска криза не се решава со пропаганда и заморени централно режирани претстави, туку со итна интервенција. Но, тоа не може да го стори оној кој за седум години ги зголеми даноците и цените и ги украде и злоупотреби парите на Албанците со неколку олигарси, преку јавно приватно партнерство (ЈПП), концесии и коруптивни тендери, наведува Баша.

Тој посочува дека на земјата и требаат промени, „нов дух и нов економски модел што може да се постигне само преку поинаква влада”.

-Со нашиот економски план ќе ги намалиме даноците, рамниот данок ќе биде девет проценти, ќе дадеме поддршка за малиот бизнис, мораториум за инспекторатите и даночниците и другите мерки, ќе го ослободиме бизнисот од вознемиреност и ќе создадеме можности за секој Албанец да работи и живее достоинствено во неговото место, вети Баша.

Инаку, здружението на мали и средни бизниси, но и самиот премиер на почетокот на јули потврдија дека поради пандемијата со Ковид-19 за пет месеци, без работа останале најмалку 70.000 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот