Банките нудат кредити за пензионери со хипотека или со осигурување, задолжувањето е за подобро здравје и за помош на децата
Во последните години, како што се качува просечната возраст во Македонија, банките ја покачија максимално прифатливата возраст за кредитирање на 75, односно 78 години
Пензионерите во земјава посегнуваат по кредити само кога мораат, а најчесто за да си обезбедат некоја неопходна здравствена услуга, да му помогнат на член од семејството или да обноват некој апарат за домаќинство. Банките нудат разни видови кредити за сениорите, почнувајќи од станбените, па сè до потрошувачките, а висината зависи од типот на кредитот и од видот на обезбедување. Во последните години, како што се качува просечната возраст во Македонија, банките ја покачија максимално прифатливата возраст на 75, односно 78 години. Тоа е добро, вели за „Слободен печат“ Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на Здруженија на пензионери на Македонија, но нивните членови се жалат дека банкарските услови се ригорозни, а провизиите се високи за да може да посегнат по каков било вид позајмици.
Препорачано
– Познат ви е стандардот на македонските пензионери. Тие едвај преживуваат и кога се задолжуваат тоа најчесто го прават за да платат за некоја здравствена интервенција или услуга, но и да им помогнат на своите деца. Но, банкарските кредити не се за секого, провизиите, но и ратите се високи. Ако се согласите на траен налог за враќање на ратата, некогаш ќе ви земат речиси половина од пензијата – додава Трајкова.
Од Комерцијална банка АД Скопје за „Слободен печат“ информираат дека нудат повеќе можности за кредитирање пензионери, при што висината на кредитот зависи од типот на кредитот и од видот на обезбедување.
– Станбениот кредит што е достапен за пензионерите има најниски каматни стапки споредено со ненаменските кредити и за него е потребно обезбедување со хипотека. Кај потрошувачките кредити за пензионери, Банката нуди опција со и без животно осигурување, по избор на клиентот. Во однос на возрасната граница, таа се применува за сите клиенти, односно на тековната возраст се додава рокот на кредитот и тој не треба да ја надмине максималната возраст прифатлива за крајниот рок на отплата. Како и во светот, така и во земјава кредиторите одредуваат максималната возраст прифатлива за крајниот рок на отплата, која најчесто се движи во рамките на статистичките податоци за просечната возраст во конкретната држава. Во последните години, по покачување на просечната возраст во Македонија, Комерцијална банка кај одредени производи (станбен кредит и пензионерски кредит со осигурување) ја покачи оваа граница на 75 години. Имајќи ја предвид суштината на кредитниот процес, кој се заснова на оцена на кредитниот ризик, одредувањето на максимално прифатлива возраст за кредитирање е само еден од факторите што влијаат врз формирањето на условите за кредитниот производ – велат од КБ.
И од НЛБ банка, за нашиот весник додаваат дека пензионерите претставуваат важен дел од нашето општество и нивната финансиска стабилност е од клучно значење. Поради тоа НЛБ банка овозможува специјализирани кредитни услуги што ги задоволуваат нивните потреби со фокус на флексибилноста и достапноста.
– Нудиме кредити со приспособени услови, какви што се пониски каматни стапки, подолг период на отплата и едноставна процедура за аплицирање. Според тековните политики и процедури на Банката, максимална возраст до која се одобруваат кредитни изложености на пензионерите што се приматели на пензија на НЛБ банка е 78 години до целосна отплата на кредитот – информираат од оваа банка.
И пензионерите се решаваат за брзи кредити
Поради неможноста да ги исполнат условите за банкарски кредит, дел од пензионерите се решаваат да земат брз кредит, но многу често може да бидат злоупотребени нивните податоци, открива претседателката на СЗПМ.
– Многу често зборуваме на оваа тема, одржуваме советувања и работилници за да укажеме на потенцијалните ризици од користењето на брзите кредити. Ги поучуваме да не одат сами и секогаш да бидат во придружба на помладо лице од нивното семејство, кое се разбира во проблематиката. Постојано зборуваме дека треба да внимаваат што потпишуваат, но да не ги даваат лесно своите податоци, оти потоа се соочуваат со тужби за ненамирени рати и извршители, кои може да им ја земат пензијата – додава Трајкова.


