противпешадиски нагазни мини EPA-EFE/SERGEY KOZLOV

Балтичките земји наскоро ќе поставуваат мини на границата со Русија

Естонија, Латвија и Литванија се повлекоа од глобалната конвенција за забрана на противпешадиски мини кон средината на оваа година и неодамна започнаа со финални подготовки за поставување на ова експлозивно оружје на нивните граници со Русија и Белорусија.

Конвенцијата за забрана на употреба, складирање, производство и трансфер на противпешадиски мини, позната како Отава Конвенција, беше усвоена во 1997 година и стапи во сила на 1 март 1999 година. Полска и Финска, исто така, го објавија своето повлекување од конвенцијата, која ќе стапи во сила на почетокот на следната година.

Нејзините клучни правила се целосна забрана за производство, складирање, трансфер и употреба на противпешадиски мини и обврска за уништување на постојните залихи и спроведување операции за деминирање и помош на жртвите.

Конвенцијата е ратификувана од 165 земји низ целиот свет, но не и од важни земји кои се и големи производители и корисници на овие мини – САД, Русија, Кина, Индија, Пакистан, што ја ограничи универзалноста на самата конвенција.

Европската Унија отсекогаш била лидер во повиците за забрана на противпешадиските мини, но на почетокот на 2025 година имаше драматични промени во политиките на неколку земји-членки на ЕУ.

„Богато“ искуство со Русија

Балтичките држави Естонија, Латвија и Литванија истовремено започнаа формални процедури за повлекување. Тие ја оправдаа одлуката со наведување на новите безбедносни реалности по руската инвазија на Украина.

Во заедничката изјава на министрите за одбрана на трите балтички држави и Полска јасно се наведува дека „воените закани кон земјите што граничат со Русија и Белорусија значително се зголемија“.

„Со оваа одлука, испраќаме јасна порака – нашите земји се подготвени, можат и мора да ги користат сите потребни мерки за своја одбрана“, велат тие.

Главниот аргумент што го повторуваат политичките лидери на овие земји е нивното „богато“ искуство со Русија. Тие, исто така, го наведуваат променетото безбедносно опкружување во Европа и фактот дека заканите од Русија се перцепираат различно од оние кои не се географски блиску до неа. Лидерите на овие земји постојано нагласуваат дека руската војска честопати користела мински полиња и други неконвенционални методи за време на инвазијата на Украина, пренесува порталот Геополитика.

Владите тврдат дека мините можат да бидат неопходен елемент на територијалната одбрана, особено во балтичките држави и Полска, каде што стравот од ненадејна, брза агресија е силен. Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека времињата се такви што ниедна земја не треба да се ослабува.

„Ќе се примени сè што може да ја зајакне полската одбрана. Ќе ги искористиме сите опции“, тврди тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот