Бајден, Путин и новата ера на информациската војна

Фото: EPA-EFE/PETER KLAUNZER

САД веруваат дека Русите ги користат дезинформациите за да ја ослабат поддршката за демократијата

Почетната страница на „Глобал рисрч“, канадска веб-страница која се смета за независна истражувачка и медиумска организација, е универзално мрачна во врска со изгледите за вакцини против ковид-19 направени на Запад.

„Ковид-19 вакцините доведуваат до нови инфекции и смртност: Доказите се убедливи“, гласи еден наслов од месец мај. „Алармантните стапки на жртви од вакцините mRNA бараат итна акција“, вели друг.

Според американскиот Стејт Департмент, непрофитната организација со седиште во Монтреал е сè друго освен независна. Наместо тоа, се вели во извештајот објавен минатата година, организацијата е „длабоко зафатена со поширокиот руски екосистем на дезинформација и пропаганда“. „Глобал рисрч“ беше партнер на друга веб-страница, „Фондацијата за стратегиска култура“ (ФСК), која е во режија на Службата за надворешно разузнавање на Русија (СВР), се вели во извештајот. Групата со седиште во Канада, исто така, има објавувано содржини и од организацијата „СаутФронт“, која Министерството за правда на САД во април годинава ја прогласи – заедно со ФСК и уште две други организации – како „фирма за дезинформации“ на руските разузнавачки служби, во овој случај ФСБ.

Раздели, па владеј?

Напорите на различни групи поврзани со Русија да објават негативни ставови за вакцините против ковид-19 се дел од она што САД го сметаат за засилена кампања за дезинформации произведена од Москва.

Во минатото, САД се обидуваа да ги користат самитите со Русија за решавање на спорови околу бројот на нуклеарни боеви глави или за критикување на инвазијата на Москва во Украина. Во Женева, администрацијата на Бајден е фокусирана на она што го смета за „штетни активности“ на Русија во сајбер-сферата.

Според САД, дезинформативните руски операции следат серија сајбер-напади и хакерски инциденти, кои се чини дека имаат одредено ниво на руска вмешаност. Американски официјални лица и експерти сметаат дека тие претставуваат забрзана политика на сеење незадоволство и недоверба кај американската јавност, насочена кон поткопување на институциите и вербата во демократијата, во време кога жестоката политичка поларизација во САД ги разоткрива тие пукнатини.

„Тие постојано истражуваат, бараат, ѕиркаат, поттикнуваат – не само низ системот, туку и кај американската јавност – бараат начини да посеат сомнеж, да нè разделат по расни линии, по политички линии, по какви било општествени поделби што веќе ги имаме“, вели Метју Мастерсон, поранешен висок советник за сајбер-безбедност во Одделот за домашна безбедност, сега ангажиран од интернет-опсерваторијата во Стенфорд. „Тоа е хибридната војна на 21-от век.“

Американски официјални лица и различни групи за набљудување велат дека напорите на Москва да ја наруши и поткопа демократијата во САД брзо се прилагодиле на доаѓањето на новата администрација во Вашингтон. Дезинформациите за вакцините се само еден дел од тој напор, велат тие.

„Јасно е дека има подиректна кампања против администрацијата на Бајден, отколку што се водеше против Трамп“, вели Брет Шафер, експерт за пропаганда во Алијансата за обезбедување демократија, дел од „Германскиот Маршалов фонд за истражување“, основан за следење на дезинформациите. Самиот Шафер разви систем за следење кој собира податоци од 350 адреси на Твитер, од 27 веб-страници и два канали на Јутјуб кои се поврзани со Руската влада или со руските медиуми финансирани од државата. „Не можев да издвојам ниту една позитивна приказна во изминатите шест месеци“, вели тој.

Самитот во Женева

Бајден се обидува да го искористи самитот во Женева за да помогне во стабилизирање на односите и решавање на, како што изјави пред средбата, „активности за коишто сметаме дека не се во согласност со меѓународните норми“. Американскиот претседател се согласи и со предлогот на Путин што може да им овозможи на САД и Русија да разменуваат сајбер-криминалци кои ги бараат меѓусебните влади.

Но, малкумина американски експерти за Русија веруваат дека Москва ќе се повлече на кој било значаен начин во своите сајбер-активности. „Русите веќе многу одамна објавија војна во информатичката сфера“, вели Фиона Хил, поранешен висок директор за Русија во Советот за национална безбедност за време на администрацијата на Трамп. „Се обидуваа да докажат дека се голема сајбер-сила – сакаат да создадат воено сценарио за да можат да седнат и да договорат некакво примирје со нас.“

 „Злобно информирање“ наспроти „дезинформации“

Поимот за дезинформациски војни, иако долго постоеше, се појави во полн сјај по изборите за претседател на САД во 2016 година, кои го донесоа Трамп на власт. Американските истражители пронајдоа координирани напори на руската „фарма за тролови“, нивната Агенција за истражување на Интернет (АИИ), да влијае врз анкетите за јавно мислење во САД.

Евгениј Пригожин, наводниот угостител преобразен во воен командант, познат како „Готвачот на Путин“, за кого американските власти велат дека ја финансира фармата за руски тролови, го негираше нејзиното постоењето и Москва вели дека не стои зад таквите напори. Но, САД обвинија 13 вработени во АИИ заради вмешаност во американската претседателска кампања и, оттогаш, Русија продолжи да биде една од најактивните нации кои спроведуваат тајни операции за влијание, според податоците на Фејсбук.

Американски функционери и истражувачи веруваат дека некои од неодамнешните нарушувања во информативниот простор биле посуптилни, потпирајќи се врз вистински извори, наместо да се сведуваат на измислување негативни наративи. Еден пример е бројот на стории во последниве неколку недели кои укажуваат на загриженост за здравјето на Бајден. Во овој случај, поттикот беше мајското писмо потпишано од 124 пензионирани американски генерали кои го доведоа во прашање резултатот од претседателските избори во 2020 година и „менталната и физичката состојба на врховниот командант“, што беше широко покриено и од главните американски медиуми.

За експертите, ова е дел од обидот на Русија да се оддалечи од лажните ботови и лажните адреси во услови на акција од страна на социјалните платформи против неавтентичните активности по мрежите. Наместо тоа, велат тие, руската продукција сега цитира факти објавени од западни извори и го засилува нивното влијание.

„Кога станува збор за домашните наративи во САД, [Русите] скоро секогаш се ‘товарат’ врз нешто што е објавено“, вели Шафер. „Од официјални извори, многу ретко гледаме нешто што би го категоризирале како измислица.“ Наместо тоа, Русија сега е фокусирана врз креирањето на „претерано искривување“ на контекстот, наместо на измислување непостоечки факти: Шафер вели дека го претпочита поимот „злобно информирање“ наспроти целосното дезинформирање во овие случаи.

 Целта е општа недоверба

Целта, велат експертите, е да се атакува врз домашните поделби во САД, како што се оние за меѓурасните односи и тврдењата за изборни измами, со цел да се разгорат културни војни и од десната и од левата страна на политичкиот спектар. Ковид-19 се покажа како особено плодна област.

„Сосема е јасно дека Русија игра со старите трикови“, изјави во март Нед Прајс, портпаролот на Стејт Департментот. „И со ширењето дезинформации за вакцините потенцијално ги става луѓето во ризик, бидејќи знаеме дека вакцините дневно спасуваат животи.“ Тој додаде дека Центарот за глобален ангажман на Стејт Департментот, кој претходно го анализирал „пропаганден екосистем“ на Русија, идентификувал четири руски онлајн-платформи, кои биле насочени од московските разузнувачки служби, а кои ширеле дезинформации за вакцините што се користат во САД.

„Видовме дека Русија стана супер-раширувач на дезинформациите на антиваксерите и теориите на заговор врзани за ковид-19“, оценува Нина Јанкович, експерт за руските дезинформации во Центарот „Вудро Вилсон“. „Самата Русија не ги креира овие работи, туку се надоврзува на веќе постоечките наративи, зголемувајќи ја општествената недоверба.“

Понекогаш Русија цели на „истакнати личности во САД“ за негативно да влијае врз домашната американска публика, според извештајот од месец март подготвен од американските разузнувачи. Во него се вели дека Путин одобрил такви оперативни влијанија врз истражувањата на јавноста во 2020 година, наместо да ги повторува упорните напори за хакирање на изборната инфраструктура во 2016 година.

И американски членови на Конгресот се меѓу оние кои се обвинети за ширење руска пропаганда. Минатиот месец, републиканскиот сенатор Тед Круз беше критикуван откако на социјалните мрежи сподели видеомонтажа со која неповолно се спореди рекламирањето на американски воени регрути со руски.

„Секогаш кога во екосистемот на информации има нешто корисно што го валка лицето на Америка, тогаш тие ќе го искористат тоа“, вели Греам Бруки, поранешен функционер во администрацијата на Обама, кој сега е директор на „Дигиталната форензичка лабораторија“ на Атлантскиот совет, која ги следи странските дезинформации од отворени извори. „Тоа е паметна стратегија која ја покажува нашата поделеност.“

 Софистицирани хакирања

Во април, администрацијата на Бајден ја обвини Москва за едномесечното хакирање коешто погоди девет федерални агенции и повеќе од 100 приватни компании. Оперативците – за кои владата на САД верува дека се дел од Службата за надворешно разузнавање на Русија (СВР) – хакирале софтвер од американската компанија „Солар виндс“ („SolarWinds“) со цел да ги нарушат владините и компаниските системи за електронска пошта. Упадот бил откриен за прв пат во декември, но Москва ја продолжила својата кампања. Во мај, „Мајкрософт“ соопшти дека има докази дека истата група „преземала“ систем за е-пошта за да се претстави како да е агенцијата за развој на УСАИД и да спроведе фишинг-кампања за нелегално влегување во повеќе од 150 владини агенции, групи за човекови права и невладини организации ширум светот.

Нападите со сајбер уцени во месец мај, кои САД им ги припиша на руски сајбер криминалци, предизвика привремено затворање на еден важен комерцијален гасовод и на компанија за пакување месо. САД директно не го обвинија Кремлин, но Министерството за финансии на САД на почетокот на оваа година ја обвини тајната руска служба ФСБ за „култивирање и кооптирање“ на една група за сајбер-уцени, позната како „Корпорација на злото“. Во таа прилика, Белата куќа ѝ порача на Москва дека „одговорните држави не се криминално прибежиште за софтверски уценувачи.“

Андреа Кендал-Тејлор, поранешен висок службеник на американското разузнавање, вели дека Путин, доколку сака, би можел да спречи такви напади. „Но, стануваат сè посмели, во лов на поголеми цели.“

 Инцидентот во Хавана

Администрацијата на Бајден истражува и голем број сомнително „насочени“ радиофреквентни напади врз американски официјални лица, познати како „Хавански синдром“, откако американски официјални лица стационирани на Куба првпат се пожалија на тоа во 2016 година. Слични симптоми се пријавени во Кина и на други места од 2018 година.

Иако американскиот државен секретар Антони Блинкен минатата недела рече дека „сè уште, едноставно, не ја знаеме“ причината за тие инциденти, сомнежот падна врз Москва. Две лица ги брифирале американските разузнувачки служби дека Русија е најверојатен виновник, доколку нападите бидат потврдени. Едниот извор оценил дека е можно да се работи за погрешен технички прототип со кој Русите се обидуваат да крадат податоци од компјутерите и телефоните со насочено „пулсирање“ на енергија, што на крајот влијаело и на луѓето во непосредна близина.

„Една од теориите е дека тие го пробале уредот во Хавана, го измениле, а потоа повторно го пробале во Кина“, вели изворот.

Фиона Хил вели дека нападите во Хавана, доколку се докаже дека ги извршила Москва, би биле руско непочитување на колатералната штета при собирањето разузнавачки информации. „Русите многу се гордеат со своите нови техники на прибирање информации. Во многу аспекти тоа е продолжение на Студената војна“, вели Хил, која се сомнева дека Русите претходно ги филтрирале податоците од нејзините телефони и го хакирале нејзиниот лаптоп во моментот кога пишувала книга за Путин во 2015 година, а и редовно физички ја следеле. „Тие навистина не се грижат за штетата што може да ја предизвикаат.“

Таа додава дека кога излезе на виделина употребата на полониум во Русија, радиоактивниот отров, како и нервниот отров „новичок“ насочен против опонентите на Путин, тие откритија не беа целосно непожелни во Москва, бидејќи на самите Руси им ги сигнализираа опасностите од шпионирање или спротивставување. „Ова ги омекнува непријателите, ги прави да се чувствуваат дека ќе бидат поразени.“

Да се разговара или не?

Обидот да се запрат руските информативни операции и сајбер-хакерите е тешка задача. „Тоа е како ловење молци“, вели Џејмс Луис, експерт за сајбер-безбедност во „Центарот за стратегиски и меѓународни студии“. „Мислам дека затоа Русите толку многу уживаат во сето ова; за нас е тешко од уставен аспект да преземеме нешто“, додава тој.

Русија со години се обидуваше да утврди некаков вид глобален мировен договор за сајбер-просторот, но САД се претпазливи да влезат во каква било форма на разговори што претпоставуваат дека двете страни се еднакви или сносат подеднаква одговорност за минатите компјутерски криминали. Администрацијата на Бајден сигнализира дека активно се обидува да разговара за сајбер-нападите, за да воспостави ограничувања и да сигнализира остри реакции доколку се прекршат правилата.

„Добро е што ја запреа оваа глупава политика на одбивање да зборуваат со нас за сајбер-прашања“, вели за „Фајненшл тајмс“ висок претставник на Руската влада. „Сега тоа е на агендата [во Женева], можеме барем да разговараме за тоа, но далеку сме од соработка“.

Како прв чекор, администрацијата на Бајден сака да ги обелодени руските информативни операции, но без прибегнување кон милитаризиран јазик за сајбер-„војување“. Пристапот на Бајден укажува дека тој бара поддршка од НАТО, да ја зацврсти отпорноста на критичната инфраструктура на САД и да преземе чекори за одбрана на демократијата дома и во странство. Неговиот советник за национална безбедност Џејк Саливан вети дека САД ќе одговорат на начини „видени и невидени“, сугерирајќи дека и САД би можеле да преземат сè поголеми тајни сајбер-активности.

Ќе биде полошо пред да биде подобро

Во сферата на пропагандата, Тод Хелмус, експерт за дезинформации во американската тинк-тенк Корпорација „Ранд“, тврди дека иако проверката на фактите е корисна за одредена публика, тоа нема да го реши проблемот. „Не постои единствена политика што се однесува на овој проблем; многу сложено“, вели тој.

Други предупредуваат дека влијанието на руските информативни операции е тешко да се процени. „Сè уште навистина немаме разбирање за ефектите од она што го прави Русија“, вели Кендал-Тејлор.

Но, дури и ако самитот во Женева обезбеди одредена јасност, насоката на патувањето се чини јасна.

„Оваа невидлива војна станува сè пореална и станува една од главните алатки во хибридната војна, во конфронтацијата меѓу САД и Русија“, вели Дмитриј Тренин, директорот на московскиот „Карнеги центар“. „Не гледам вистинско попуштање во ваквата конфронтација. Мислам дека интензитетот ќе се засили, пред да најдеме нова ‘нормала’.“

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (18-20 јуни 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

 

Бајден љубезно му се закани на Путин

Самитувањето не е тениски натпревар. Резултатот ретко е „гем, сет и меч“. Последните четири претходници на Џо Бајден одржуваа несреќни самити со Владимир Путин, но Бајден влезе во овој со ниски очекувања. Немаше илузии за „средба со умот“ со рускиот лидер, а камоли со душите. Скромноста на целта на Бајден – да ги стабилизира односите со главниот воен противник на Америка – пренесе реализам што го немаа претходните претседатели.

По повеќе од две децении на власт, Руската мечка веројатно нема да ги смени своите навики. Целта на Бајден е да го натера и да го привлече Путин во умерено помалку опасна позиција. Постигнувањето на таа цел е потешко отколку што звучи. Дома, Бајден се соочува со потсмев од републиканците и некои специјалисти за надворешна политика дури и за закажување средба со Путин. Споделувањето јавна сцена со американскиот претседател се смета за незаработена награда за противник кој редовно спонзорира сајбер напади врз САД, а да не ја спомнуваме информациската војна против западната демократија.

Бајден мора да ја менаџира и политиката на нетрпеливост во ерата на социјалните медиуми. Доколку неговиот пристап за „постојано наводнување на градината“ во дипломатијата профункционира, може да бидат потребни години за да се дојде до плод. Ќе има малку успеси кога станува збор за правење на односите САД-Русија помалку токсични.

И времето ја намалува способноста на Бајден да обезбеди европските сојузници на Америка да се држат до сценариото. Партнерите на Бајден се согласија за тешки коминикеа на самитите на Г7 и на НАТО минатата недела. Но, нивната подготвеност да го поддржат единството на Западот кон Русија е оптоварено од стравувањата дека Бајден може да биде претседател со само еден мандат. Времето на континуитет во надворешната политика на САД заврши. Дали Бајден ќе биде на функција три и пол години од сега? Путин скоро сигурно ќе биде.

Сепак, најголемиот предизвик лежи во самото однесување на Путин, кое е суштински непредвидливо. Најважната цел на Бајден во надворешната политика е да се спротивстави на сè поактивната Кина. Клучен елемент на стратегијата на Бајден е да ги постави глобалните влогови меѓу САД и Кина (и Русија, како кинески автократски „поручник“) во однос на демократијата наспроти автократијата. Сето тоа е многу добро. Но, пријателите на Америка со вистинска трепет ја следат насоката на американската политика. Бајден е далеку од потиснување на Трапизмот, а неговата претседателска победа само го забрза нивното целосно преземање на Републиканската партија. За европските набљудувачи, светската битка помеѓу демократијата наспроти автократијата, всушност, може да се одвива во самите Соединети држави.

Па, како да измериме дали Бајден напредува со Путин? Најчесто од работи што нема да се случуваат, како што се продолжените руски упади во Источна Украина, поддршката за меѓународната пиратерија, вклучително и минатомесечното пренасочување на летот на „Рајанер“ кон Минск, и долговечноста на Алексеј Навални, чие име Путин сè уште тешко го изговара. Отсуство на големи сајбер напади врз САД, како што беше упадот во „SolarWinds“ на почетокот од годинава, ќе биде уште еден репер.

Поамбициозно би било да се очекува слабеење на врските Русија-Кина. Покојниот Збигњев Бжежински, поранешен советник за национална безбедност на САД, тој однос го опиша како „сојуз на настраданите“. Помалку контрадикторни односи на САД со Русија може да ја олабават прегратката Москва-Пекинг, иако тоа би било долгорочно птредвидување. Засега, Бајден мора да се справи со скромни контрасти. Во споредба со прес-конференцијата на Путин во 2018 година со Трамп, кога рускиот лидер не можеше да ја прикрие својата насмевка, соло прес-настанот на Путин во Женева се чинеше значително пригушен.

Едвард Лус

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот