Аууу, отиде бугарскиот воз во пченките!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Како што наближува денот за формализирање на бугарското вето за нашите евроинтеграции, така бесмисленоста на бугарската позиција станува сè поочигледна. Најново: министерката за надворешни работи Захариева побара Македонија да се откаже и од делот на југословенската историја и од „времето на еден од најмрачните диктатори – Тито“! И уште додава: „Ако продолжиме да ги затвораме очите кон фактот дека оваа земја продолжува како што замислиле Тито и Сталин, ние со тоа ѝ вршиме услуга на Москва“, изјавила Захариева во викенд-интервјуто за една бугарска телевизија.

Аууу, отиде бугарскиот воз во пченките!

Сега треба навистина да се сочува максимално студена глава од македонска страна, бидејќи македонско-бугарските односи се заканува да се заладат не за во текот на следните неколку дена или недели, кога Бугарите ќе го испорачаат ветото за нашите евро-интеграции, туку барем за во наредните триесетина години колку што ќе траат последиците од неверојатната ескалација на навредите и провокациите што доаѓаат од Софија.

Бидејќи, сега расправата веќе нема да биде, колку-толку, канализирана од напорите на домашните и европските дипломатски служби за „рационализирање“ на бугарските позиции со барање на некакво „излезно решение“ во „спорот“, туку од алгоритмите на фејсбук и твитер кои ќе го фаворизираат вжештувањето на македонско-бугарските препукувања, со навреди и омаловажувања што ќе „летаат“ на сите страни.

Свесна ли е г-жа Захариева за ова? Или токму тоа сакала да го предизвика?

Таа демонстрира зачудувачки комплекс на политичка инфериорност, што веројатно е резултат на чувството за немање самодоверба во сопствените „романтични историски позиции“ во однос кон Македонија. Софија, со право, се чувствува „напуштена“ од своите европски сојузници, бидејќи е заплисната од негативни и потсмешливи коментари што пристигнаа од најразлични владини, невладини, медиумски и експертски адреси за аргументите со кои ќе го блокира нашето напредување кон ЕУ. И, како по дефиниција, опишани во безброј психолошки студии, наместо ова да ја замисли владејачката елита кај нашиот источен сосед и да ја натера барем на мала интроспекција – „Зошто никој не се согласува со нас?“ – ваквите реакции ѝ го поттикнаа егото и политичката ароганција, доведувајќи го синдромот на сопствената малодушност и несигурност до усвитување: не само што се решени да нè натераат да се согласиме дека сме Бугари, туку ако тоа не го направиме, тогаш „ѝ правиме услуга на Москва“, што би требало да е најфаталниот оправдувачки аргумент за нивната/наша блокада пред европските „арбитри“!

Подготвена ли е, навистина, Бугарија за оваа историска аргументација, на „отворена сцена“?! За улогата на Тито и тогашните бугарски политичари во однос на Сталин? За социјалистичката историја на Југославија и Бугарија во однос на СССР? За влијанието на Москва, денеска, во Софија и во Скопје? … Зарем?! Сериозна е г-жа Захариева, или имала момент на слабост пред камерите?!

До сега мислевме дека, од пристојност, треба деликатно да се однесуваме кон историските конвулзии на Бугарија кон прашањето на нивниот несреќен флерт со нацизмот за време на Втората светска војна и, следствено, контроверзниот однос кон прашањето на македонската, победничка, антифашистичка борба. Но, Бугарите тукушто ја шутнаа топката во стратосферата на политичките небулози од уште поновата регионална историја, во која нашите евроинтегративни амбиции, очигледно, се недолжна жртва на внатрешните, никогаш завршени, бугарски пресметки со „руската агенда“ во нивната земја.

Тоа е московското бугарско наследство од „живковизмот“, кое трае до денес. За тоа не ви е виновен Тито, г-ѓо Захариева. А, за Заев дума да не стане!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот