Ауфидерзен, фрау Ангела

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Ангела Меркел својата последна канцеларска посета на Западен Балкан ја искористи за да порача, во склад со својата повеќегодишна мисија, дека геостратегискиот интерес на Европската Унија е шесте држави од регионот да ги прими во свое членство.

Меркел без сомнение во шеснаесетте години на власт беше најактивниот лидер на Унијата на Западниот Балкан, од кој се збогува во време кога процесот на проширување е на респиратор и кога не се знае кој е позаморен од европската политика: сѐ пофрустрираните граѓани на Балканот или мнозинството лидери на Унијата, плус бирократите во Брисел.

Меркел со својот личен ангажман успеа да го постави Западниот Балкан на агендата на ЕУ, но на крајот на една брилијантна кариера, сепак, не може да се пофали со позначајни пробиви.

Додека на капиите на регионот се други играчи, како Русија, Кина, Турција или Соединетите Држави, Меркел ги искористи посетите на Белград и на Тирана за да ја потврди недвосмислената поддршка на европската перспектива на Западен Балкан и така да испрати порака до Брисел и до идната германска влада, но и да се обиде да го спаси Берлинскиот процес, иницијативата што лично ја основа пред седум години.

Берлинскиот процес е осмислен за да може со собирање на регионот околу економијата, транспортот и енергетиката, подобро да се координира политиката на ЕУ кон Западен Балкан и да се интензивира процесот на интеграции. Но, процесот со години заостанува, како поради ветата и блокадите од Брисел, така и поради тоа што во земјите од регионот нема суштински напредок.

Тенок биланс

Билансот на Берлинскиот процес е тенок. Едвај да има некаков напредок во помирувањето. На виртуелниот самит на лидерите на Западен Балкан во јули, Меркел, како и во Белград и во Тирана, потврди дека има уште многу проблеми.

Луѓето во регионот не добија никаков сигнал како ќе се развиваат работите практично во погледот на интеграциите во Европската Унија, чиј углед без сомнение беше оштетен кога Унијата не му помогна позначително на Западниот Балкан во борбата против пандемијата.

Постои стравување дека со заминувањето на Меркел ќе замине и енергијата со која Германија и нејзината канцеларка лично во изминатите години, со променлив успех, се залагаа за западнобалканските земји. Меркел им остава во аманет на лидерите на регионот да го сочуваат најзначајното наследство на нејзината балканска политика, кое е соочено со опструкции од разни адреси.

Ова особено се однесува на иницијативата Отворен Балкан, која ја поддржуваат Албанија, Србија и Северна Македонија, но на која Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово одбија да ѝ се придружат. Меркел стравува дека секундарните регионални иницијативи би можеле да го загрозат Берлинскиот процес и отворено пред Александар Вучиќ во Белград кажа дека перспективите ги гледа само во заедништвото на сите шест земји од списокот за членство.

Во јули требаше да бидат потпишани четири спогодби за Регионалниот економски простор, но тоа не се случи. Канцеларката и тогаш најави дека очекува тоа да се случи до 6 октомври, до самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија, така што нејзината посета пред сѐ беше поврзана со испраќање порака дека тој процес мора да заврши, односно дека тие спогодби мора да бидат потпишани.

Поддршка за Вучиќ

Меркел избра да патува за Белград, каде што на власт се политичари со кои воспостави релативни блиски лични контакти. Претседателот Вучиќ е нејзин природен конзервативен партнер, кој на Германија ѝ обезбедуваше инвестиции, соработуваше во врска со мигрантите и прашањето за Косово, а таа мораше да знае дека посетата маркетиншки вешто ја користи за кампањата за претседателските избори на пролет во 2022 година.

Српската проевропска опозиција ја критикува Меркел, тврдејќи дека „го одржувала Вучиќ на власт“, а еден од лидерите потсетува дека канцеларката во наследство ги остава и промотерите на нелибералните демократии од Унгарија и Полска, преку Словенија до Србија.

– Знаеше да замижи – повторуваат критичарите – сѐ поради дијалогот меѓу Белград и Приштина, со што добивме „двојно голо“: не се спроведени клучните реформи, па Србија се оддалечи од демократијата, а во исто време не се приближи посериозно до решавање на косовскиот конфликт.

Меркел во Белград изјави дека косовскиот проблем мора да биде решен на крајот на пристапниот процес. Вучиќ истакна дека тоа му е јасно, но фактички и на Белград и на Приштина им се остава многу време и не се охрабрени што побрзо да го решат конфликтот, кој латентно се заканува со дестабилизација на Балканот.

Тирана ја избра како втората локација. Премиерот Еди Рама е социјалист, чии идеи не се политичката вокација на фрау Ангела, но е заслужен поради тоа што го поддржува Берлинскиот процес.

Сараево заобиколено, Скопје избегнато

Предводена од прагматично внимание, кое е вткаено во нејзината деловна компромисност, Меркел го заобиколи Сараево. Босна и Херцеговина е далеку од каква било поконкретна пристапна перспектива, а Меркел ни со својот авторитет не успеа да спречи националните прашања да го блокираат спроведувањето на основните животни политики.

Неодамна во Сараево го испрати новиот висок претставник, кој е задолжен да го спроведе нејзиниот политички тестамент, кој не помогна баш од Босна и Херцеговина да се создаде функционална држава ниту го санкционираше сепаратизмот на Милорад Додик. Што е со изборниот закон во Босна?

Избегна да оди во Скопје – кое незаслужено е турнато на последното место на европските интеграции. Што е со иницијативата на ЕУ против политиката на Бугарија, која „со маневрите за попречување“ сака да ја присили Северна Македонија да признае бугарски корени? Ќе мора на крајот на својот политички пат повторно да слушне како премиерот Зоран Заев потсетува дека тоа е „огромно потфрлување на ЕУ и лоша порака за целиот регион“.

Каков е ставот на Меркел кон настаните во Црна Гора – врелиот компир на Балканот деновиве – за која ја врзува нејзината традиционална одбивност кон Мило Ѓукановиќ? Но, изостана недвосмислено силна поддршка за премиерот Здравко Кривокапиќ, кој е под константен притисок од просрпските сили, кои функционираат на далечински управувач од Белград.

Без оглед на константната поддршка на косовската независност, во својата турнеја не ја вклучи ни Приштина, можеби затоа што Берлин се дистанцира од владата на Албин Курти. Но, што направи за да не се одложува постојано визната либерализација за Косово?

Половичен успех

За сите „заобиколени“ во Тирана беше организиран утешен премиерски ручек, на кој ѝ се наздравуваше на Меркел поради нејзиниот напор Западниот Балкан да го задржи како приоритет на германската надворешна политика и да спречи понатамошен раст, како на скептицизмот во регионот кон стратегијата на проширување на ЕУ, така и на впечатливата незаинтересираност на значаен дел од Унијата да се прошири на Западен Балкан.

Што ќе биде од сето ова, е неизвесно. Зависи од составот на новата германска влада, која нема да отстапи од регионот, но би можела да има променети приоритети, како брзината на решавањето на кризата на идентитетот внатре во Унијата, иднината на прекуатлантската соработка и односот кон Русија и кон Кина.

Клучниот придонес, поради кој регионот мора да ѝ биде благодарен на Меркел, е тоа што таа го постави Западен Балкан на бриселската агенда. Тоа што регионот е далеку од членство е последица на сложена мешавина. Водена од идејата на стабилократија и од десничарската идеологија, таа беше спремна благонаклоно да гледа на порастот на автократијата и на задушувањето на медиумските слободи, но се трудеше, во согласност со германските политички и економски интереси, да биде чесен посредник во регионалните судири, од Косово до Босна.

Резултатите се скромни, регионот е во полоша состојба отколку што беше во 2005 година, но тоа, сепак, најмногу е резултат на отпорноста на многумина регионални лидери вистински да ги реформираат своите земји во склад со вредностите на либералната демократија.

Завршува една ера. Да ги оствареше Ангела Меркел сите свои визии, Западен Балкан ќе беше подобро место за живеење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот