АРТеФАКТИ | Што има на аверсот на македонската банкнота од 10 денари?
Во новата епизода на „АРТеФАКТИ“ ве иснпирираме да размислувате како на квиз. Без да проверувате може ли да одговорите на прашањето: Што има на реверсот на македонската банкнота од 10 денари?
Препорачано
Точниот одговор е торзото на божицата Изида. Но дали знаете дека прекрасна скулптура од оваа египтеска божица е откриена во Охрид во минатиот век. А, знаете ли дека вие можете да ја видите и да ѝ се восхитувате?
Влеговме во Националниот археолошки музеј на Македонија, а отаде како силна маѓепсна светлина нè пречека Изида, така совршена, стокмена и покрај тоа што ѝ недостасуваат делови од телото не ве остава рамнодушни.
– Изида била главна божица во античката египетска религија. Во хеленистичкиот период (323–30 п.н.е.), кога Египет бил владеен од династијата на Птолемаидите, Изида била обожавана во поширокиот медитерански свет. Тогаш на Изида ѝ припишувале особини земени од хеленските божества, како што се изумот на бракот и заштитата на бродовите на море.Во оваа витрина е претставена прекрасната скулптура на божицата Изида направена во алабастер. Откриена е при заштитни ископувања заради изградба на станбена зграда, во далечната 1967 година во центарот на модерниот Охрид поточно во месноста „Карабегомала“т.е. позади денешнната зграда на општината – вели Перо Арџанлиев, кустос-советник во Националниот археолошки музеј на Македонија.
Се прашувате какво влијание имал култот кон неа на ова поднебје и како ли се нашла на таа локација во модерниот дел на градот Охрид? Доколку ве заинтригиравме со оваа загадочна фигурина и сакате да дознаете многу повеќе, топло ви го препорачуваме новото издание на „АРТеФАКТИ“ на јутјуб каналот на „Слободен печат“. Автор и водител е Александра Вуксановиќ.


