Арт-лексикон на Влатко Милошевски: Отсекогаш сум бил голем љубител на уметноста

Македонскиот инженер по електротехника и магистер по компјутерски и информациски науки Влатко Милошевски, повеќе од 20 години со своето семејство живее и работи надвор од Македонија, но тоа не му пречеше да создаде „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“.

Пасионираниот трагач и колекционер на ликовни уметнички дела Влатко Милошевски неодамна го промовираше својот веб-сајт „Артлексикон.мк“, а материјалите објавени на сајтот ги собирал 15-ина години. Страста кон собирањето уметнички дела Милошевски ја изразувал во текот на своето слободно време, бидејќи професионално повеќе од 25 години се занимава со електроника и компјутерски науки. Во овој период работи како сениор менаџер за развој на бизнис во истражувачката организација ИМЕК и со своето семејство живее во Ајндховен, Холандија.

Од каде се појави, како ја почувствува страста за колекционирање уметнички дела?

– Отсекогаш сум бил голем љубител на уметноста. Со подемот на интернетот, развив пасија за потрага по интересни уметнички дела понудени на онлајн продажби од светските аукциски куќи. Во една декемвриска вечер 2004 година, налетав на колекција од извонредно добри маслени цртежи на македонски селани од почетокот на 20 век од некојси српски сликар Никола Петковиќ, за кого немаше податок во ниедна книга. Потрагата по информации за овој сликар и неговата врска со Македонија траеше 4 години (Приказната „Сликарот од Охрид“ на интернет-страницата од лексиконот ја раскажува оваа епизода).

Во текoт на оваа истрага, почнав да прибирам податоци за сликарите што ја посетиле Македонија околу почетокот на 20 век. Прво тоа беа белешки на хартија, па ексел-датотека, за на крај да се претвори во книга – лексикон со биографии, која доби свој тек во наредните години. Се прошири опсегот на сликари: од локални до сликари од целиот свет, а се прошири и временскиот период на 100 години. По 15 години работа, крајниот резултат е лексикон со повеќе од 250 биографии и приближно 400 фотографии од уметнички дела.

Мојата голема желба е оваа колекција да се донесе „дома“ во Македонија и да се отвори за јавноста

Сто години се мошне долг период за истражување. На кој начин ги определи рамките во кои се движат содржините на објавениот лексикон?

– Периодот 1850-1950 е фасцинантен на цивилизациско ниво. Сета технологија што ние денес ја уживаме потекнува од тоа време: телефон, фотоапарат, ТВ, безжичен пренос на податоци (радио), сметачки машини, авион, микропроцесор, автомобил, рендген зраци… Во уметноста се случува стампедо од ликовни изразувања: од ориентализмот, импресионизмот, поинтилизмот, па преку Ван Гоговиот пробив кон фовизмот и експресионизмот, сѐ до кубизмот и апстрактниот експресионизам на Џексон Полок. Во историјата се случува создавање на модерните нации и држави, се иновира со демократијата или други форми на социјален поредок.

Како нешто да се поместило во интелигенцијата на човечкиот род, како да се ослободила некоја енергија што ја понела човечката раса кон следниот стадиум на развој. Вакви еволуциски „скали“ се познати во историјата. За мене последната таква „скала“ е овој период: 1850-1950 година. Прашање е кога ќе се случи следната таква „скала“ и какви сѐ технолошки, уметнички и социјални иновации ќе предизвика.

Ото Панкок „Пристаниште во Охрид“ (1955)

Колку вкупно дела имаш колекционирано по електронски пат и дали некои од нив ги имаш и како физички артефакти во твојата колекција?

– Покрај електронска база на податоци и фотографии, јас сум и страстен колекционер. Поседувам збирка од повеќе од 200 оригинални дела од странски сликари направени во Македонија во стогодишниот период. Колекцијата содржи масла на платно или панел, акварели, цртежи, разни форми на графика и уникатни албуми со стари фотографии. Некои се со голем формат, некои се скици направени насред битка некаде по должината на Македонскиот фронт.

Џон Реџиналд Гудман „Поглед на воен камп во долината на Вардар“ (1916)

Делата се собирани едно по едно, од сите страни на светот, од најпознатите аукциски куќи од типот на Сотби, па сѐ до директни контакти со семејствата на сликарите. Мојата голема желба е оваа колекција да се донесе „дома“ во Македонија и да се отвори за јавноста. Секое лето го поминувам во Охрид со семејството и имам желба токму во Охрид да се воспостави една градска галерија, каде што туристите и домашните би уживале во колекцијата. Отворен сум за разговор со секоја надлежна македонска институција за реализацијата на оваа идеја.

Ѓорѓе Андреевиќ-Кун „Македонка“ (1946)

Како магистер за компјутерски и информациски науки веројатно лесно ти беше да направиш сајт за лексиконот. Размислуваш ли со содржините на сајтот да биде испечатена книга?

– Долго време овој проект беше замислен како книга, сѐ додека не сфатив дека во денешно време физичките медиуми (ДВД, ЦД, книга) исчезнуваат и се заменуваат со електронски форми. Мојата главна цел е лексиконот да биде виден од што е можно повеќе луѓе. Преку интернет-страницата за само една недела лексиконот е виден, пролистан или прочитан од илјадници посетители. Добивам пораки со поддршка од Македонци во Авганистан, Летонија, Велика Британија, но и од Грци, Бугари итн. Тоа не се постигнува со печатена книга.

Умберто Агирос „Снежно село во Македонија“

Проектот „Лексикон“ оди понатаму. Од читателите постојано добивам нови имиња на сликари кои не се во лексиконот, како и нови информации за регистрираните сликари. Овие нови податоци лесно се запишуваат во електронска форма, а отпечатена книга е невозможно е да се коригира.

Сајтот го направи македонската фирма „iDesign.мк“. Се договоривме сајтот да се направи што е можно побргу за да ја изненадиме македонската јавност и да им понудиме на луѓето нова содржина, која би им ги ублажила мачните моменти на самоизолација. Тимот на „iDesign“ работеше деноноќно. Успеаја да претворат повеќе од 450 страници печатен текст во интернет-сајт за само неколку недели и тоа на два јазика: македонски и англиски. Во ова брзање, колатерална штета е коректурата и лектурата на текстот – во овој момент има доста грешки, за кои се извинувам. Следниот чекор би бил корекција и лектура на целиот текст.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 30, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 9-10 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот