Аплаузот траел девет минути: Новиот филм на Скорсезе предизвика силни овации на Канскиот филмски фестивал

Режисерот Мартин Скорсезе и актерската екипа на „Killers of the Flower Moon“ / Фото: Shootpix/ABACA / Shutterstock Editorial / Profimedia

Новиот филм на американскиот режисер Мартин Скорсезе, кој ја раскажува приказната за убиствата на Индијанците во американската сојузна држава Оклахома во дваесеттите години на минатиот век, доби силни овации на годинашниот Кански филмски фестивал.

Громогласниот аплауз на публиката траел дури девет минути, а продолжил и по палењето на светлата, објави американскиот медиум „Варајети“.

Фото: Инстаграм/Лили Гладстон

Филмот „Killers of the Flower Moon“ трае три часа и 26 минути, а главните улоги ги толкуваат Леонардо Дикаприо, Лили Гладстон, Роберт де Ниро и Џеси Племонс.

„Ова беше толку трогателно искуство, мислам дека никогаш не сум доживеал нешто слично“, изјавил Скорсезе по проекцијата на филмот.

Новиот филм ги истражува низата убиства на богати Индијанци од племето Осаж, кои се случиле во истоимената област. Филмот се занимава и со почетоците на Федералното истражно биро (ФБИ) во Соединетите Американски Држави.

Фото: Инстаграм/Лили Гладстон

Актерката Лили Гладстон, која глуми богата жена од племето Осаж, веќе почна да добива позитивни оценки од филмските критичари, а на фестивалот морала да ги задржи солзите додека публиката ѝ аплаудирала. Љубителите на добриот филм веќе ѝ предвидуваат голем број признанија за време на сезоната на награди наредната година.

Филмот „Killers of the Flower Moon“ ќе почне да се прикажува во киносалите ширум светот од 20 октомври, а нешто подоцна ќе биде прикачен и на филмската платформа Епл плус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот