Апелација потврди – Мијалков не е виновен за апсењето на Љубе Бошкоски пред камери

Фото: Драган Митрески / Слободен печат / колаж

Апелациониот суд-Скопје ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и припадниците на поранешната полициска единица „Алфи“ во случајот „Тортура“, откако претходно ослободителна пресуда донесе Кривичниот суд.

„Советот на Апелациониот суд-Скопје утврди дека првостепената пресуда е јасна, разбирлива, подобна за испитување, не содржи суштествени повреди на одредбите на ЗКП, а фактичката состојба е правилно утврдена, при што првостепениот суд утврдил поинаква фактичка состојба од изложената во поднесениот и прецизиран обвинителен акт на Основното јавно обвинителство Скопје“, пишува во образложението на Апелацискиот суд.

Случајот „Тортура“, кој го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), се однесува на спектакуларното апсење пред камери на лидерот на партијата Обединети за Македонија Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година, по одржувањето на парламентарните избори. Според обвинението, при апсењето на Бошкоски имало мачење и дека целата постапка предизвикала психичко страдање. Во обвинителниот акт како мотив беше наведен политички реваншизам.

„Врз основа на прибраните докази произлезе основано сомнение дека сите инволвирани, освен се разбира оштетениот, биле живо заинтересирани целокупната јавност да ја види бескруполозноста на дел од полициските сили – алфи, во изведување на апсење на политички противник на партијата на власт, и која во тој период раководи со полицијата. Тоа во кривично – правниот речник се нарекува едноставно – Тортура. Таквото поведение е казниво по сите меѓународни стандарди“, рече обвинителката на поранешното СЈО, Фатиме Фетаи, во 2016 година, кога беше објавено обвинението.

Покрај Мијалков, во овој судски случај беше обвинет и поранешниот командант на „Алфите“ Ивица Анчевски-Пуки и петмина припадници на полициската единица – Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот