„Антолог“ ја објави збирката раскази „Пчелно семејство“ од Ања Мугерли

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, ја објави книгата „Пчелно семејство“ од Ања Мугерли.

Станува збор за збирка од седум раскази. Секој расказ застапува одреден обред или обичај од словенечката традиција, кои во делото на Мугерли се вметнати во поинаков контекст или во современи рамки, така што добиваат нова улога и добиваат нова смисла.

– Централна тема на секој расказ е семејството: било да е неостварено („Јаболкарка“), обединето и потоа раздвоено („Пламени јазици“) или некое што во нормални услови би можело да стане вистинско („Пчелно семејство“). Сите раскази, освен еден, се случуваат во сегашноста, но поради ритуалите и атмосферата се чинат безвременски. Авторката со јазична виртуозност нè внесува во свет што не го познаваме, иако живееме во него – посочуваат од „Антолог“.

Во 2021 година „Пчелно семејство“ ја добива престижната Награда за литература на Европската Унија. Авторката Ања Мугерли (1984) е словенечка писателка. Дипломирала словенистика, а магистрирала креативно пишување. Стилот на пишување ѝ е суптилен, со огромни психолошки анализи на протагонистите.

Кратките раскази ѝ се преведени на хрватски, српски, македонски, англиски, германски, француски, унгарски и литвански јазик. Преводот на „Пчелно семејство“ на македонски јазик е на Давор Стојановски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 160, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот