Анкета: Граѓаните најмногу би гласале за СДСМ

Фото: Слободен печат

За коалицијата предводена од СДСМ би гласале 24,4 од испитаниците, додека за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ би гласале 21,1 отсто. Вакви се резултатите од анкетата спроведена од страна на „Тим институт“, што беше реализирана за потребите на СДСМ.

Поголем дел од испитаниците (26,6 проценти) сметаат дека Коалицијата предводена од СДСМ ќе победи на следните избори, додека 23,9 отсто веруваат дека победата ќе ја понесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето „Дали ќе гласате на наредните избори?“ – 50,4 проценти од испитаниците одговориле дека сигурно ќе гласаат, веројатно ќе гласаат 23,1 осто, сигурно нема да гласаат 8,5 проценти од испитаниците, додека 7,9 проценти одговориле дека не знаат дали ќе го остварат своето право на глас.

Испитаниците биле и прашани дали сметаат дека Владата заслужува повторно да биде избрана, на што 45,2 отсто дале целосна или делумна поддршка, додека 43,8 проценти не сметаат дека Владата треба да биде реизбрана.

Анкетата го третира и прашањето дали опозицијата заслужува или не да биде на местото на сегашната власт, на што според резултатите 29,1 осто се изјасниле дека делумно или целосно треба да биде така, додека против се изјасниле 56,8 проценти од испитаниците.

Во однос на главните приоритети, истражувањето покажа дека на граѓаните важни им се економијата, правдата, корупцијата и здравството. Одговарајќи на прашањето кој е најважниот проблем со кој Македонија се соочува во моментов, 25 проценти ги посочиле економијата и вработеноста, по што следат криминалот и корупцијата. Најмал е процентот на оние кои алармираат на иселувањето и меѓуетничките односи.

Согласно резултатите и понатаму останува висока поддршката на граѓаните за влез на земјава во ЕУ и НАТО.

Во однос на преспанскиот договор испитаниците се со поделени ставови. 32,7 проценти се изјасниле дека го поддржуваат, додека 32,1 отсто одговориле дека целосно се спротивставуваат на преспанскиот договор. Не е мал ни процентот (24,9 проценти) на оние кои одговориле дека не им се допаѓа договорот, но сметаат дека бил неопходен.

Анкетата била спроведена од 10 до 20 јули оваа година врз 1.024 испитаници на возраст над 18 години кои имале прв следен роденден во домаќинството. Опфатени се осумте региони во земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот