„Анимакс Скопје фест“ ги прогласи добитниците на наградите на годинашното издание

Наградата „Златна тула“ ја доби чилеанскиот краток филм „Бестија“ (Ѕвер) на авторот Хуго Коварубиас

Чилеанскиот краток филм „Бестија“ (Ѕвер) на авторот Хуго Коварубиас е овогодинашниот добитник на „Златна тула“ на меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест“. Францускиот автор Реза Ријахи ја доби втората награда за својот анимиран филм „Навозанде музичарот“, додека „Бронзена тулa“ доби палестинскиот филм „Ноќ“ на авторот Мад Салек.

За најдобар филм за деца беше награден филмот „Пиколино. Авантура во градот.“ од Шпанија, а наградата се доделува врз основа на гласовите од детската публика, кои во најголем број гласаа за овој филм.

Специјална награда им беше доделена на филмовите „Сувенир, сувенир“ од Франција за најдобра приказна, „Ова останува меѓу нас“ од Велика Британија за најдобар концепт и „Соништа во полето“ за исклучителна анимација.

Францускиот автор Реза Ријахи ја доби втората награда за својот анимиран филм „Навозанде музичарот“

– Уште едно успешно издание на „Анимакс Скопје фест“ се случи во Кинотека на С. Македонија изминатиов викенд. Ако се земе предвид квалитетот и бројот на пријавените филмови, првиот меѓународен фестивал за анимација во Македонија, „Анимакс Скопје фест“, веќе 12 години високо котира на мапата на светските фестивали. Трпеливо чекаме Агенцијата за филм на Северна Македонија повторно да започне да го финансира фестивалот, кој веќе трета година, а почнувајќи од јубилејното 10. издание е на трошок на организаторите. „Анимакс“ е традиција или, ако сакате повеќе, бренд, а тоа треба да се чува и негува, а не да се уништува. Така е насекаде во светот, па би требало да биде и кај нас – истакна директорот на фестивалот, м-р Кузман Кузмановски.

Жири-комисијата која одлучуваше за наградите беше во состав на д-р Лазе Трипков, м-р Мими Ѓорговска Илиевска и Илчо Симовски.

„Анимакс Скопје фест“ е во организација на продукциската куќа „Аурипигмент“ од Скопје, а е со поддршка на Град Скопје, во соработка со Кинотека на С. Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот