Ангеловска-Бежоска: Две менувачници ќе останат без лиценца поради шпекулации на штета на граѓаните

Гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска Бежовска / фото Архива

На две менувачници ќе им биде одземена лиценцата, а оние менувачници кои ја прекршиле регулативата, ќе бидат санкционирани со парични казни, изјави вечерва гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

На гостувањето во емисијата „Топ тема” на телевизија Телма, гувернерката посочи дека е извршена контрола кај 64 менувачници и дека кај една четвртина од нив се забележани законски неусогласености во работењето.

Ангеловска-Бежоска посочи дека засилените контроли се преземени во насока на заштита на граѓаните, во време кога се забележуваат засилени шпекулации. Освен засилените контроли, таа потсети и дека Народната банка донесе мерка со која им се дозволува на менувачниците доколку немаат евра, да набават од страна на банките.

-Донесовме измена на подзаконски акт, дека ако менувачницата нема доволно девизи во тек на денот може да купи од банките. Инаку на нето-основа, менувачниците имаат вишок на девизи, тие ги откупуваат од граѓаните и понатаму ги продаваат на банките, рече Ангеловска-Бежоска.

Повика на општествена одговорност и да не се шпекулира, особено со стабилноста на денарот, бидејќи стабилноста на денарот значи и макроекономска стабилност и не е во ничиј интерес таа да се наруши.

-Граѓаните не треба да стравуваат – денарот и е ќе остане стабилен. Народната банка води политика на стабилен курс на денарот во однос на еврото и има капацитет и соодветен инструментариум, да го одбрани курсот, како што впрочем тоа го правеше и низ годините, порача гувернерката на централната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот